Геосфера регистрираше два алармантни региона во Битола

0
1622

Населбите во поширокото централно градско подрачје на Битола, како што се Дрвен Пазар, Јенимаале и Ат пазар имаат  екстремно аерозагадување, посебно во периодот после 15 часот, што се поклопува со периoдот на стабилизација на струењето на воздухот и потпалувањето на огништата со дрва.  Во истражувањето што во изминатите три месеци го спроведе географското друштво Геосфера, во градот се регистрирани два алармантни реони на аерозагадување.

„Едниот во околината на основното училишта Даме Груев и градинката “Пролет“, каде се идентификувани пекари, текстилна фабрика и домаќинства кои што вршат аерозагадување. Другиот реон е лоциран на горен Баир,  покрај обиколницата, каде е забележано масовно палење на отпад на отворено, палење на кабли итн“ вели Мите Ристов претседател на регионалното географско друштво Геосфера-Битола.

Геосфера изработи и достави до општина Битола, 30 предлог мерки за намалување на аерозагадувањето-пошумување, изградба на велосипедски патеки, субвенционирана струја за битолчани и субвенционирање на печки на пелети, достава на сертицифирано огревно дрво со низок процент на влага, мерки што РЕК Битола ќе ги спроведе за намалување на загадувањето и др.

„Сериозно ги разгледуваме сите предложени мерки и што може да се спроведе од нив,  а соработката со Геосфера е со намера да се покаже еден успешен пример на соработка  меѓу оние кои ја водат политиката и граѓанскиот сектор. Длабоко сум убедена дека оваа соработка ќе има уште поголеми резултати во иднина. Она што го воочивме во нивното  истражување но и она што ние го имаме како сознанија, е токму аерозгадувањето од нашите домаќинства, што не се должи на тоа што граѓаните биле неодговорни, туку затоа што пред се државата не смогнала сили да направи друг систем за загревање. Не е по нивна вино, туку пред се на политиките кои што се воделе“ вели Наташа Петровска градоначалник на Битола.