Германските “роботи“Крафтверк приредија вистинско музичко доживување во Скопје

0
363

Таксират Фестивалот го отвори своето 20-то издание со фантастичен настап на живите легенди на светската музичка сцена „Крафтверк“, на кој околу 6.000 посетители во арената „Борис Трајковски“ присуствуваа на историски концерт, на првиот 3-Д концерт во Македонија.
Крафтверк ја реализираа својата повеќедимензионална мисија, пренесена со звучни и визуелни информации, потврдена со силни пораки кои и понатаму ќе се пренесуваат .
Германските пионери на електронската музика,  изведоа ексклузивен концерт во организација на ТАКСИРАТ и Password Production.
Присутните имаа можност да ги слушнат култните хитови од сите албуми во нивната кариера, како „Computer World“, „Computer Love“, „Man Machine“, „Das Model“, „Neon Lights“, „Autobahn“, „Radioactivity“, „Tour De France“ и други.

Крафтверк  е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско. Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината Крафтверк ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Нивната музика изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари.
Мулти-медијалниот проект Крафтверк е оформен во 1970 година во Дизелдорф, Германија, студио каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на Крафтверк. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ралф Хутер и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.

За време на речиси 50 години постоење Крафтверк објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албуми, од кои последниот „3-D The Catalogue” го објавија во мај минатата година. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3-Д перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012 до 2016 година.
Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-Д концертите на Крафтверк претставуваат вистинско  уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.
Сите настани и концерти што следуваат во организација на Пасворд за 2018, се во знакот на 20- ката на Таксират.

Сите посетители во арената на концертот на Крафтверк, добиваа брендирани 3-Д наочари кои потоа ги зачуваа како сувенир од концертот, но со самото присуството на овој концерт сите станаа  дел од уште еден музички исклучително несекојдневен настан кај нас, кој ќе се памети и раскажува уште многу долго.

Снимките се на колегата Агим Џело.