Гимназијалците за Денот на мајчиниот јазик

Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ – Битола, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, направија видео со учениците, каде споменаа 76 македонски автори заслужни за македонскиот јазик. Таа е првата гимназија во ослободена Македонија во која на 6 февруари 1945 година почнува да се изведува настава на македонски јазик. Оваа година воедно го одбележаа и нивниот јубилеј 76 години настава на македонски јазик, но и 1 година од претставата која минатата година ја поставија, токму за овој јубилеј, а учениците освен што говореа литературно македонски, се најдоа и на сцена како актери.

Видеото кое оваа година го споделија на нивната официјална страна имаше за цел што поблиску да го донесе јазикот до учениците, преку забавна и интерактивна метода, а од видеото може да се забележи дека учениците уживаат додека го работеле видеото.

„Јазикот е  единствената наша татковина”…
Сработивме нешто во чест на „76 години настава на македонски јазик”
Го завршивме денес на Светскиот ден на мајчиниот јазик.
Кога се работи за мајчиниот јазик нема препреки, нема бариери и во овие премрежја успеавме да сработиме нешто кратко ама слатко, голема благодарност до сите ученици кои дадоа допринос во ова видео.“, напишаа од таму.

Ментор на ова видео беше Никола Трајковски, наставник по македонски јазик и литература.

Битолската гимназија има особено место во историјата на македонскиот народ и поради тоа што таа е првото средно училиште во кое започнала настава на македонски јазик. Тоа се случило на 6 февруари 1945, во период кога сѐ уште траеле борбите во Втората светска војна.

Претходното име на гимназијата било „Гоце Делчев”, но во 1952 година со одлука на Наставничкиот совет името е променето во „Јосип Броз Тито”, а тоа име го носи денес. Секоја година во училиштето настава посетуваат околу 800 ученици.

Сподели