Година на мајмунот на Московскиот филмски фестивал

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Филмот „Година на мајмунот“ по режија и сценарио на Владимир Блажевски, ќе ја има својата интернационална премиера на Московскиот меѓународен филмски фестивал.

Филмот е во рамките на официјалната програма на фестивалот, кој е втор најстар филмски фестивал на светот, веднаш по оној во Венеција, постои од 1935 година и е дел од А листата на фестивали.
По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Блажевски во 2016 година влезе во нова филмска авантура со овој филм.

-Многумина велат дека е најтешко да се сними добра комедија. Најзабавниот, но истовремено и најспецифичниот филмски жанр за реализација долго време во македонската кинематографија претставуваше куриозитет, бидејќи единствено „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли се сметаше за достоен излет во оваа зона интересна за поширокиот аудиториум. Во поново време Дарко Митревски со „Збогум на 20. Век“ (1998) и „Балканкан“ (2005) го направи потребниот чекор понатаму, додека „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски е полн погодок во насока на продлабочување на размислата за хуморот во рамките на едно сериозно филмско остварување, иако сите овие наслови претставуваат жанровски хибриди. Блажевски решил да удри директно во срцето и да сними чиста комедија во која ситуациите во кои се наоѓаат главните и споредните протагонисти неретко се допираат со оние од книгите на Бекет и Булгаков, што е само одраз на надреалната и апсурдна реалност со која секојдневно се соочуваме и во која секој скандал претставува само чудо за три дена – вели филмскиот критичар Игор Анѓелков.

Филмот ја имаше својата домашна премиера на отворањето на 21-то издание на Скопскиот филмски фестивал. Се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Eurimages, на околу 80 различни локации низ Македонија.

На филмот работеше и битолска екипа.

Необичното пријателство меѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошка градина Цобе и нивниот живот во превртениот транзициски свет, се центар на дејството на „Година на мајмунот“.
Мајмунот, кој од Зоолошката градина завршува низ улиците на Скопје и продолжува да патува низ живописните предели на Македонија, како и низа карикатурни ликови, едно необично комбе, неколку протести и чудесна роденденска прослава, пропратени со пиктурална фотографија и звуците на „О соле мио“, се само дел од моментите прикажани во филмот.

Главната улога во филмот ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.

Share.