Година на ракометарите на Еурофарм Работник и боксерите на Пелистер

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +


Ракометарите на Еурофарм Работник целосно ја одбележаа годината која што изминува. Младиот битолски колектив е убедливо најдобар спортски клуб во градот, експресно влезе во одбраното македонско друштво, а вторпат по ред презими и во Европа. Во шампионатот 2017/18 „фармацевтите“ го освоија третото место и играа полуфинале на Купот.

Следеше перфектна есен и лидерско место без пораз, со нов, млад и одлично поткован тренер како Србинот Ѓорѓе Чирковиќ. Најголемиот плус беа погодените засилувања (Кузмановски, Ѓукиќ, Никола Маркоски) и европскиот подвиг. Двапати беше победен Берн и Еурофарм Работник ќе игра во групната фаза на ЕХФ Купот заедно со Хановер, Татабања и Нексе Нашице. Тројца ракометари на битолскиот клуб се повикани за Мундијалот во Германија и Данска, а Филип Кузмановски е најсериозен кандидат за спортист на Битола за оваа година.

Повозрасниот и попопуларен клуб Пелистер пак остави зад себе турболентна година. Борче Марковски му го отстапи местото на Томче Петрески, а овој по два порази на почетокот од новата сезона беше сменет со Јошко Петковиќ. Клубот презими на третото место, но не остава впечаток на стабилен проект, туку со постојаните промени е уште понеизвесна иднината.

Битола по 15 години пак беше домаќин на репрезентацијата на Македонија. Тестот резултатски беше положен, совладана беше Турција, но организационо имаше многу пропусти.

ЖРК Пелистер минатата сезона ја заврши на третото место и ја претставуваше нашата земја во Челинџ Купот. Во третото коло девојките на Викторија Мурговска двапати ја победија екипата на Ле Сал од Малта и првпат презимија во Европа. Во осминафиналето пелистерки ќе играат против Наиса од Ниш.

Фудбалот имаше година за заборав. Фудбалерите на Пелистер испаднаа во Втората лига и минатата сезона единствен блесок беше финалето на Купот во Струмица, во кое Шкендија ги совлада „зелено-белите“ со 3-0. Во новата сезона се смени комплетниот играчки кадар и со битолски млади сили, првите седум кола со Трајановски на клупата беа вистински кошмар. Дојде тренерска смена, Дарко Крстески го презеде кормилото, екипата врза неколку домашни победи и презими на шестото место.

Од битолските интернационални одлична година во Унгарија имаше Стефан Спировски во Ференцварош, Кире Ристевски го замени Вашаш со Ујпешт, а Мирко Ивановски премина во Хајдук. Десниот бек Томе Китановски замина да игра во Казахстан, а Борче Маневски на Косово.

Кошаркарите имаа година поделена во два дела. Првиот, со Зоран Петковски на клупата, позитивен и со обезбеден опстанок многу порано од предвиденото и вториот, со серија на порази прекината дури во последните денови од годината по доаѓањето на старо-новиот тренер Зоран Тодоровиќ.

Одлична есен играат и кошаркарките на Пелистер кои презимија на петтото место. Добра година оставија и одбојкарките на Пелистер Волеј, кои есенскиот дел го завршија на четвртото место. Оливера Наковска Бикова пак беше наш најдобар репрезент од лицата со инвалидитет, а државни прваци станаа и боксерите на Пелистер.

Година на прогрес имаа кугларите на Хераклеа, шахистите на Стево Патако добија нови простории, а пинг-понгарите на Пелистер оставија добар впечаток оваа полусезона. Константност за мотокросистите и гимнасичарите кои добија нов модерен партер.

Share.