„Господ постои, името ѝ е Петрунија“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар-Митевска ќе има светска премиера на 10 февруари на големиот филмски фестивал.

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска е избран во официјална конкуренција на престижниот филмски фестивал во Берлин, со што по пауза од 25 години (по „Пред дождот“ во Венеција во 1994 година) македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А-категорија.

Премиерата на филмот во Берлин ќе биде на 10 февруари, соопштија на прес-конференција продуцентката и една од актерките во филмот – Лабина Митевска и директорот на Агенцијата за филм на РМ, Горјан Тозија, кој рече дека Берлиналето е мошне рестриктивен фестивал, избирлив и тежок да се влезе во официјалната селекција и дека успехот се должи на квалитетот на филмот.

Митевска објасни дека директорот на Берлиналето, Дитер Козлик, кој за претстојното издание по 20 години последен пат ќе го предводи фестивалот, во писмото им честитал и им напишал дека комисијата била импресионирана од филмот. Митевска додаде и дека филмот е резултат на неуморна работа и дека со сестра ѝ Теона вложиле многу труд и љубов.

– На црвениот тепих бевме пред точно 25 години во Венеција. Мислам дека е премногу чекање четврт век за македонската кинематографија повторно да го доживее ова и треба да сме сите заедно горди. Се надевам дека ова ќе му ги отвори вратите на македонскиот филм, тој да биде присутен и за него да се зборува, особено во ова време кога мора да зборуваме за Македонија насекаде. А најдобро тоа го умееме и можеме преку културата, особено преку филмот – рече Митевска.

Го избрале и агентот за дистрибуција на филмот – францускиот „Пирамид“, кој ги откупил правата за светска дистрибуција и на 24 април 2019 ќе ја почне кинодистрибуцијата во Франција. Филмот ќе биде трет (по „Пред дождот“ и „Јас сум од Титов Велес“) што ќе се прикажува во француските кина. Кога ќе биде македонската премиера, ќе одлучат дополнително и ќе соопштат по прикажувањето на филмот во Берлин.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше сниман во февруари и март минатата година во Штип, а постпродукцијата е работена во Франција, Белгија и во Словенија. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева. Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип која на Водици решава да се фрли по крстот. Но, кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена.


Тозија очекува овој филм да постигне голем успех и да даде импулс во расчистувањето на ситуацијата во македонскиот филм затоа што во десетина години имало квантитет од филмови за кои се трошеле огромни пари без да се постигне препознатлив успех.

– Тоа ни беше камен кој навистина ни тежеше. Не може Агенцијата за филм да има 157 продуценти и милион режисери и да се протежираат неквалитетни проекти затоа што тој е на некого, наш или ваш. Тоа е претешко и не се издржува. Мислам дека тука сите заедно треба да ставиме стоп. Во изминатите девет години финансиравме 300 филма, но не беа применувани вистински стандарди и имаше многу влијанија кои, за жал, не му донесоа ништо добро на македонскиот филм. Иако со малцинските филмови имавме понекој успех, сепак, по 25 години се случува македонски филм да влезе во официјална конкуренција на фестивал од А-категорија. Ова е огромна радост за сите вистински професионалци и филмски работници – рече директорот на Агенцијата за филм, кој овој филм го поддржа со околу 30 милиони денари (половина милион евра).

Актерката Зорица Нушева ја толкува главната улога

Вкупниот буџет на филмот (копродукција на Македонија, Франција, Белгија, Словенија, Хрватска) е околу 1,4 милион евра. Имаше поддршка и од европскиот филмски фонд „Еуримаж“.
Она по што е интересен новиот филм на Митевски е дека целиот технички тим е женски – покрај режисерката, косценарист е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Виржини Сен Мартен, костимографка Моника Лорбер, за шминката е задолжена Мојца Горогранц-Петрушевска, монтажерка е Мари Хелен Дозо, а дизајнерка на звук – Ингрид Симон. Вук Митевски е сценограф на филмот.


Во актерската екипа се и: Мони Дамески, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ и Владимир Тулиев.
Во рамките на Берлинале, Македонија ќе има учество во други две програми. Актерот Благој Веселинов е избран во програмата „Филмски ѕвезди“ (Shooting Stars), а актерката Сара Климоска е дел од „Берлин таленти“.

Извор: МИА

Share.