Господ постои, нејзиното име е Петрунија-најнов филм на Теона Митевска

0
586

Овој месец почна снимањето на најновиот филм на Теона Стругар Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија”. Филмот беше поддржан и од престижниот француски фонд Aide aux cinémas du monde, на националната агенција за филм Centre national du cinéma et de l’image animée.

Ова е еден од најтешките и најпрестижни фондови во Европа, каде во една сесија се одобруваат само неколку проекти од целиот свет. Филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија” беше едногласно избран од жирито и стана втор македонски филм кој има добиено средства од овој фонд, а првиот е „Јас сум од Титов Велес”. Добивање поддршката од овој фонд во Франција се смета за признание и препорака за квалитетот на проектот, а се добиваат можности и за добивање фондови за филмот за негова понатамошна кино-дистрибуција во Франција.

Снимањето на новиот долгометражен филм на Стругар Митевска почна на 19 јануари. Филмот ќе се снима 6 недели во Штип, а главните улоги ги толкуваат Зорица Нушева, Стефан Вуисиќ, Суад Беговски, Мони Дамевски, Лабина Митевска, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Џевдет Јашари, Бајруш Мјаку, Петар Мирчевски, Никола Кумев, Илија Волчевски, Игор Тодоров и Ненад Анѓелковиќ.

Директор на фотографија е Белгијката Виржини Сент Мартин, со која Теона успешно соработуваше на филмот „Јас сум од Титов Велес”, што беше потврдено со низа награди меѓу кои и „Сребрена камера“ на фестивалот „Браќа Манаки“. Сценограф е Вук Митевски, костимот е на Моника Ломбер. Филмот е македонска, словенечка, хрватска, белгиска, а од минатата недела и француска копродукција, а исто така во октомври 2017 ја доби и поддршката од Еуримаж.