Градиме мостови, наместо ѕидови – ОУ „Коле Канински“ со поттик за еднаквост и инклузија

На главниот влез во ОУ „Коле Канински“ изградена е пристапна рампа со која ќе им се олесни пристапот на неколкуте ученици од ова училиште кои имаат потреба од неа. Рампата беше изградена како дел од проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и фондацијата „Песталоци“, а училиштето „Коле Канински“ е дел од него од мај 2020 година. Неколку години тука успешно функционира и училишниот инклузивен тим предводен од психологот Аница Златевска.

-Во рамките на проектот требаше да изработиме два проекти со кои ќе добиеме донатори од локални компании. Во втората фаза успеавме да добиеме пристапна рампа до училиштето од наши две компании од градот. Со тоа всушност се трудиме како училиште да помогнеме за да се оствари инклузијата во нашето училиште. Нашиот инклузивен тим постојано се обучува, се што е во рамките на нашите можности ќе правиме инклузијата да ја прифатиме како нормално во текот на целиот воспитно-образовен систем во нашето училишѕте, рече Марија Пискачева, наставник по македонски јазик.


Исто така, после долго време беше возобновен и училишниот весник кој е насловен „Нова надеж“, а мотото „Градиме мостови, наместо ѕидови“ ги поттикнува сите ученици и наставници да создаваат мостови на пријателства и другарство, создавајќи позитивна атмосфера во која ќе преовладува еднаквост и инклузија.
-Инклузивниот училишен тим заедно со учениците (вклучувајќи ги и учениците со посебни образовни потреби) реализираа различни уметнички творби, кои се крунисаа со издавање на еден училишен весник со име „Нова надеж„ – во кој читателите може да прочитаат околу моменталната состојба во однос на инклузијата на децата со посебни образовни потреби во училиштето, интервјуа со инспиративни ученици со ПОП, интервјуа со училишниот кадар, литературни творби, ликовни творби, еко -активности, забавно катче како и многу други интересни теми. Сите активности во текот на училиштната година беа преточени во училиштниот весник кој всушност и го претставува секојдневието во училиштето, вели Пискачева.
Исто така беше реализирана и драматизација на „Снежана и седумте џуџиња“ која ја изведоа учениците од II-3 класот под раководство на наставничката Лидија Павловска и покажаа дека и во услови на пандемија, желбите и креативноста на учениците може да се реализираат.

Сподели