Гран при-то на јубилејниот Фестивал на монодрама отиде во Азербејџан

0
406

Добитник на гран при наградата на 20-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 година е актерот Шовги Гусеинов од Азербејџан, за претставата „Контрабас“ .
На синоќешното свечено доделување на наградите, претседателот на трочлената жири комисија Коле Ангеловски истакна дека тој и членовите на жирито Нина Мазур и Весна Петрушевска, одлуката ја донеле едногласно.

Жири комисијата додели награда за најдобра актерска игра. Наградата отиде во рацете на актерот Матеуш Новак од Полска, за претставата „Однапред и одназад“. Ангеловски посочи дека наградата се доделува за прекрасната актерска игра, талентот и техниките на прикажување на актерската игра на сцената од страна на овој млад актер.

Наградата од публиката годинава очекувано отиде во рацете на Тарик Филиповиќ, која го скандираше ноговото име. Во преполната театарска сала, Филиповиќ ја одигра претставата „Ќиро Блажевиќ“, посветена на легендарниот хрватски фудбалски селектор.

Оваа година претставите беа селектирани од актерот  Петар Мирчевски, а
фестивалот беше отворен со претставата Фигуре Венерис Хисторе во режија на Наташа Поплавска.
На годинешното издание 8 претстави се бореа за наградата Гран при и тоа покрај Тарик, Новак и Гусеинов, учествуваа- Тјаша Ферме од САД со „Дивото дете во градот”,  Миxаил Милчев од Бугарија со „Мадам Мишима”, Сречко Марчета од Босна и Херцеговина со монодрамата „Големо е моето срце”, Александер Аладишев од Русија ќе настапи со „Сништата на Хамлет” .

Со доделувањето на наградите, се спуштија завесите на јубилејното 20-то по ред издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 година. Фестивалот за затворен го прогласи в.д. директорот на Центарот за култура во Битола, Зоран Димовски, кој ги покани сите на наредното 21. издание на фестивалот.
Од самиот почеток до денес овој фестивал привлекува се повеќе внимание и се развива во фестивал на светско ниво, а потврда за тоа е и членувањето на фестивалот на фестивалски форум и монодрамски програми при Унеско .