Грчките медиуми лиферуваат предлози за името

0
366

Грчката влада веќе ги има своите предлози што во Скопје ќе ги донесе шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас и за кои е подготвен да ги дискутира за време на посетата на Скопје на 22 март.

Горна Македонија, но и Нова Македонија напишани на словенски јазик се во игра од петте предлози во пакетот на Атина. Ова го објавуваат грчките медиуми кои главно се повикуваат на американски извори цитирани од Хелас Џурнал, а како што се наведува во насловите, се преферира Горна Македонија, што би било прифатливо за грчката Влада. Според медиумите, главната цел е да се забрза процесот, кој би се завршил до јуни. Грчкото министерство за надворешни работи не ги коментира ваквите информации, пренесуваат медиумите, без да се прецизира и дали пакетот грчки предлози е испратен до Скопје.

„Во грчкиот пакет промената на Уставот во Скопје е услов. Коѕиас отфрла лесен договор. Тој ги посочува промените во имињата на аеродромот и на автопатот како добри случувања, но нагласува дека не е доволно“, објавуваат грчките медиуми.

Во врска со промената на Уставот, медиумите во Грција пишуваат дека Заев го нема потребното мнозинство, но и дека законот за јазици влијае на преговорите за името. Американската страна, преку помошникот дравен секретар Вес Мичел, како што објавуваат грчките медиуми, на двете страни им ја понудил подготвеноста да помогне ако тоа е потребно. Американскиот дипломат, како што се наведува, го повикал Скопје да ги унапреди преговорите и да настојува да се реши проблемот со што би се отворил патот за членство во ЕУ и НАТО. А, во пресрет на посетата на Коѕиас, шефот на грчката дипломатија повторно добил заканувачко писмо и куршум токму во време на преговорите за решавање на спорот за името. Грчки дипломатски извори ја потврдија ваквата информација.

„Сите оние од вас што се чувствувате Грци, борете се за нашиот идеал, за нашата историја, за нашиот идентитет. Прашањето со името на Скопје крие големи стапици“ – пишувало во еден дел од дописот, додека пак во друг, наменет за пратениците, анонимниот испраќач порачал дека за сите останати, особено за оние што ќе стават потпис на распродавањето на нашата Македонија важи само едно нешто, ќе направиме да ги снема нивните семејства.

Ова е втор пат шефот на грчката дипломатија да добие анонимно писмо со куршум и закани. На почетокот на февруари, Коѕијас, добил писмо во кое пишувало: „Имаме три куршуми подготвени за тебе и за твоето семејство, по еден за секоја Македонија“. Дописот, тогаш, беше на само неколку дена пред протестот во Атина.

http://24vesti.com.mk