Дачиќ за апсењето на Ѓуриќ – „автогол на Приштина“

0
192

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека апсењето на шефот на владината канцеларија за Косово и Метохија бил автогол на приштинските власти.

Тој додаде дека тој настан ѝ покажал на меѓународната заедница дека „не е сѐ онака како што Приштина ветува и зборува“.

„Тие немаат политика и не знаам повеќе на што можат да измамат. Апсењето очигледно било подготвувано, а колку што јас сум упатен во документацијата, никаде не беше наведено дека Марко Ѓуриќ би добил дозвола за влез доколку стануваше збор за некој друг ден“, кажа Дачиќ одговарајќи на новинарското прашање зошто посетата на Ѓуриќ на Косово не била одложена за еден ден, бидејќи според медиумите забраната за влез траела 72 часа.

Дачиќ истакна дека Ѓуриќ ја почитувал процедурата и подвлече дека тој и политичарите на Приштина седнуваат и преговараат на секои две недели, и дека со оваа постапка преговарањето е одложено.

„Во Србија доаѓаат разни политичари и ние никому не сме му забраниле да дојде во нашата земја. Ѓуриќ не отиде на КиМ да крева востание, туку да води дијалог“, кажа Дачиќ.

„Тоа што Шпанија, Романија и Кипар се блиску до одлука да не присуствуваат на главната дискусија на самитот ЕУ-Западен Балкан на 17 мај во Софија за нас е голема поддршка, покажува дека ЕУ не може да утврди единствен став и дека тоа е браната дека ЕУ не може од нас да бара признавање на Косово“, изјави Дачиќ.

Тие три членки на ЕУ, кои не го признаваат Косово, не сакаат да бидат на иста маса или да се фотографираат на заедничка фотографија со претставникот на Косово, што е вообичаено за ваквите конференции.

„И кога некој зборува за правно обврзувачки договор – тој може да содржи сѐ, но не може да содржи имплицитно и експлицитно независност на Косово, освен ако Србија тоа го сака, а Србија тоа не го сака и никогаш нема да го сака“, истакна српскиот министер за надворешни работи.

mkd.mk