Денес се прославува Меѓународниот ден на жените и девојките во науката. Во своето обраќање Генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гутереш во воведниот дел има наведено дека „Еднаквоста во науката е клучна за градење подобра иднина за сите, но сепак жените и девојчињата продолжуваат да се соочуваат со системски бариери и предрасуди во продолжувањето на научните кариери“, го цитираше денеска него ректорот на битолскиот универзитет Игор Неделковски на денешната дебата со наслов „Жeните и науката“, која ја организираше Македонското научно друштво-Битола.

„За среќа ние на УКЛО можеме да се пофалиме дека кај нас не е така и системските бариери и предрасуди се надминати, бидејќи 60 % од вработениот наставен кадар се жени. Значи тие својата професионална љубов и иднина ја гледаат во наставно-научната работа и ги совладале бариерите со кои жените во науката се соочуваат на многу места во светот (и во многу поразвиени држави од Македонија)“ рече проф. д-р Игор Неделковски, ректор на битолскиот универзитет.

Неделковски рече дека радува фактот што кај асистентите 67 % се жени, а кај доцентите 55 % (67 % кај предавачите), што значи овој тренд на УКЛО е загарантиран и ќе продолжи.

Пред присутните се обрати и го сподели своето искуство како жена научник, проректорката за студентски работи на УКЛО, Буневска-Талевска која е доктор на технички науки.

„Еве повеќе од 20 години како сум жена научник и со гордост можам да кажам дека не сум само една од тие 30 проценти жени научници во Македонија, туку и една од тие 60 проценти жени научници на нашиот универзитет“ рече меѓу другото проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, проректорка на УКЛО.

Раководителот на Советот за докторски студии на битолскиот универзитет професорот Илиќ, кој е и проректор за наука, рече дека околу 47 проценти се жени докторанти и дека во однос на раководители доминираат како декани, директорки на единиците на универзитетот.

„Во голема мера во УКЛО веќе доминира женската компонента, која што меѓу другото, најверојано ги хармонизира сите оние аспекти на универзитетот и се надевам дека ќе поттике плоден развој во иднина“ рече меѓу другото проф. д-р Горан Илиќ, проректор на битолскиот универзитет.

Со цел да се постигне целосен и еднаков пристап и учество во науката за жените и девојките, Генералното собрание на Обединетите нации ја има усвоено резолуцијата со која се прогласува 11 февруари како Меѓународен ден на жени и девојки во науката.












