Денеска во Валандово ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере новиот лидер

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во Домот на културата во Валандово денеска од 11 часот ќе продолжи со работа 16. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој што се очекува да биде избран новиот претседател на партијата по оставката на Никола Груевски. Единствен кандидат за оваа функција е актуелниот генерален секретар на партијата Христијан Мицкоски.

На конгресот од 544 запишани делегати присуствиваа 411, со што е исполнет статутарниот услов за работа.Синоќа, на првиот ден од работата на највисокиот партиски орган присусустваа 411 од вкупно запишаните 544 делегати со што беше исполнет статутарниот услов за работа на Конгресот.

Денеска обраќање ќе има претседателот во оставка Никола Груевски. Потоа ќе биде презентирана програмата на Мицкоски и ќе се гласа за новиот претседател. Според статутот на партијата за избор на претседател ќе биде потребно мнозинство од вкупниот број делегати.

Поранешни пратеници и министри на ВМРО-ДПМНЕ (Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Никола Попости, Никола Тодоров, Антонијо Милошоски, Владими Пешевски…) не присуствуваат на конгресот. Тие беа потписници на иницијативата за одложување на конгресот.

Синоќа Мицкоски рече дека им подава рака на неговите партиски неистомисленици.

„Неприсуството на членови на Извршниот комитет и делегатите на конгресот е потврда на демократските капацитети кои се внатрепатриски во ВМРО-ДПМНЕ. Секој оној делегат кој чувствува потреба и одговорност да биде дел од конгресот е тука и оној делегат кој не присуствува исто така го поздравувам и ја почитувам неговата одлука. Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сме сведоци дека последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата“, рече Мицкоски.

Пред почетокот на конгресот и Никола Груевски изјави дека очекува транспарентен и коректен конгрес.

„Треба да се донесат мудри и рационални одлуки и потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е урување на нашиот политички опонент СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец“, рече Груевски.

mkd.mk

Share.