Денеска средба Ципрас- Каменос

0
180

Мислам дека не постои опасност Каменос да ја напушти Владата, вели владиниот портпарол на Грција, Димитрис Ѕанакопулос во однос на последните шпекулации во грчките медиуми за зголемено несогласување меѓу двајцата коалициски партнери, особено во однос на прашањето со двајцата грчки војници, притворени во Турција.

Ѕанакопулос, говорејќи за грчката телевизија „Скај“, рече дека двајцата коалициски партнери утре ќе одржат средба.

Печатот во Грција, како што веќе објави МИА во петокот, веќе неколку дена пишува за „облаци“ врз владината коалиција, а изутрината дел од медиумите тврдеа дека Панос Каменос побарал од неговите пратеници да не излегуваат со јавни настапи се до состанокот на парламентарната група на Независни Грци, состанок за кој за сега нема официјална информација кога би можело да се одржи.

– Според информациите, на седницата на парламентарната група се очекува да излезе со некое важно соопштение, додека пак постојат информации во денешниот печат дека Каменос одново ја разгледува неговата позиција во однос на соработката во Владата, поради несогласувањето во скопското прашање, но и за инсистирање на господата Ципрас и Каменос веднаш да постигнат договор, веројатно со името Горна Македонија – објави сајтот на грчката телевизија „Скај“.

Прашањето за името, грчките војници и случајот со сопственикот на фудбалскиот клуб ПАОК се темите за кои двајцата коалициски партнери имаат различни ставови.

– Решение на македонското прашање, со цврст став во однос на фудбалското првенство (односно првенство без ПАОК), според локални пратеници од СИРИЗА би значело изборен пораз од Лариса нагоре. Во исто време, Панос Каменос е параметар и за двете прашања:

Нема да гласа за решение на скопското прашање што ќе го содржи терминот Македонија и де факто ќе си замине од владата.

Одржува добри односи со сопственикот на ПАОК, кој што се наоѓа во центарот на фудбалските случувања и е веројатно да биде строго казнет – пишува информативниот портал „Иефимерида“.

Портпаролот на грчката Влада во интервјуто за ТВ „Скај“ вели дека не постои проблем во внатрешноста на Владата, дека Каменос и Ципрас се во постојан контакт во однос на случајот со уапсените грчки војници кај Еврос, на турска територија и за конкретното прашање, според Ѕанакопулос, во утрешниот ден, двајцата коалициски партнери ќе остварат средба.

– Во една Влада што ја сочинуваат две партии со различни политички истории, со различни идеолошки корени очигледно е дека ќе постои дебата, многу пати постојат и индивидуални несогласувања во прашањата. Но, она што го дефинира, го одредува односот меѓу СИРИЗА и Независни Грци и оваа коегзистенција во Владата, не е ништо друго, туку обидот земјата да го напушти меморандумскиот режим и да биде институционален штит на грчкиот политички систем наспроти прашањата поврзани со корупцијата – вели Ѕанакопулос за грчката ТВ „Скај“.

Останува отворено прашањето, дали можеби Ципрас и Каменос ќе разговараат и за прашањето за името, со оглед на тоа дека нивната средба е на само неколку дена пред посетата на шефот на грчката дипломатија на Скопје.