На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, а десет години подоцна, на 20 ноември 1989 година, беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето. Овие документи нагласуваат дека сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, какви се социјалните и економските услови, на која религија и култура припаѓаат, дали имаат попреченост или инвалидитет.
Потребата од заштита на правата на децата произлегува од нивната висока ранливост, бидејќи тие лесно можат да бидат изложени на злоупотреба и насилство. Според податоци на ООН, децата се секојдневно изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните, како и на глад, болести и недостаток на социјално-економски услови во државите кои се сметаат за сиромашни или во развој.
Конвенцијата за правата на детето претставува значаен цивилизациски чекор и најважниот меѓународен акт кој ја регулира заштитата на децата. Со оваа Конвенција, заштитата на децата на меѓународно ниво доби најзначајни правни основи, со најголем број на ратификации од државите. Таа ги нагласува правата на децата за здравје, образование, безбедност и учество во општествени активности, како и воведување на минимални стандарди за здравствена заштита, образование и социјална заштита.

Оваа конвенција за правата на детето гарантира дека сите деца и млади имаат исти права, право на највисок можен степен на здравје, бесплатно основно образование, право на изразување на своето мислење и правото да бидат слушнати. Децата имаат право на добро воспитување, а нивните родители или воспитувачи не смеат да користат сила, малтретирање или злоупотреба. Децата и младите имаат право на посебна помош и заштита во време на војна и при бегство. Тие имаат право да бидат заштитени од експлоатирачка работа и сексуална злоупотреба, како и право да живеат со своите родители и да го одржуваат контактот со двата родитела ако тие живеат одделно.
Децата и младите со попречености имаат право на посебна поддршка и активно учество во општествениот живот.
На Светскиот ден на детето, 20 ноември, и на денот на Конвенцијата за правата на детето, имаме можност да се потсетиме дека и ние, возрасните, сме го поминале периодот на детството. Овој ден треба да биде поттик за сите кои работат со деца или во интерес на децата, да продолжат со активностите за подобрување на состојбата на правата на децата, така што ќе ги вклучат во сите активности и ќе го слушаат и почитуваат нивното мислење, како што бара Конвенцијата за правата на детето.
Овој ден исто така не е само потсетник за нас, туку и повик да работиме на развивање на свеста за толеранција, да се елиминира насилството и да се создаде амбиент во кој секое дете ќе знае дека дијалогот, а не насилството, е основа за решавање на било кој проблем.
За да имаме хармоничен развој на детето, треба да создадеме услови во кои детето ќе расте во здрава семејна средина, исполнета со љубов, разбирање и среќа. Во исто време, треба да ги третираме децата како рамноправни, како активни субјекти и носители на права и обврски.
Сите ние, како дел од семејството, градинките, училиштата и други институции и органи, имаме обврска да придонесеме за правилниот психофизички развој на децата, да ги воспитуваме во духот на толеранција и прифаќање на различностите, и да ги научиме како да избегнуваат конфликтни ситуации и да изберат дијалогот како начин за решавање на проблемите. На тој начин, ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, слободата, рамноправноста и солидарноста со другите.












