Денешниот протест може да ѝ биде од помош на државата, порача Милошоски со бебето в раце

0
317

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, порача дека го поддржува денешниот протест за одбрана на името и идентитетот на државата. Тој преку видеопорака на својот фејсбук-профил рече дека барањето на Грција за менување на Уставот е мешање во внатрешните работи на државата и најави дека ќе присуствува на протестот.

– Протестот за зачувување на идентитетот и на уставниот суверенитет на Република Македонија, доколку биде достоинствен и мирен, без разлика што е зимно време, може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа. Јас ќе присуствувам на тој протестен собир и ќе имам можност да бидам чесен и родољубив граѓанин на Република Македонија, дел од луѓето што сметаат дека треба да бидат присутни на овој протест. Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне, ниту ќе заврши тука. Ќе ни треба многу мудрост, визија, трпение и аргументи. Сепак, најмногу од сè, ќе ни треба слога. И во името на таа национална слога јас ќе ја дадам мојата поддршка за протестот – порача Милошоски.