Летото е на својот крај, парите ги потрошувме за по плажите, се разбира оние кои тоа можеа да си го дозволат. Септември е месец кога ни е потребен подлабок паричник, заради почетокот на школската година ( тука нема оние кои можат да си го дозволат тоа, имале немале, мора да се снаоѓаат за децата), а каде владата интервенираше за намалување на цените откако почна школската година и второ почетокот на сезоната за подготовка на зимници.
Денешна наша главна тема е зимницата, не за тоа како се подготвува, туку за цената на намирниците кои ќе ни бидат потребни. И кога ги гледаме какви се цените на пазарот, првото нешто што се коментира е дека се уште е рано, малку да залади, а и надежта дека ќе поевтинат.
А деновиве вакви беа цените на битолскиот пазар. Нема да кажеме високи оти за некои не се, сите граѓаните немаат ист стандард, но како и да е што се високи високи се, велат и продавачите и купувачите.
80 денари е црвената пиперка која сега се уште не ја третираме како пиперка за ајвар оти е многу скапа, а продавачите велат дека кога ќе дојде време да се запалат печките за зимница, се очекува да биде околу 50 до 60 денари.
Овие цени беа деновиве највисоките на зелениот пазар во Битила, а можат да се најдат и производи по пониски цени, зависно од потеклото и кој ги продава и секако денот, дали е пазарен или не.
Ќе има ли крај на скапотијата е прашањето кое секој си го поставува? Синдикалните предупредување се дека потрошувачката кошничка се зголемува, платите многу минимално растат. Од друга страна има незадоволство кај граѓаните. Како ќе се сервисираат долговите? Инфлацијата и натаму висока иако е едноцифрена.
Според податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), вредноста на Синдикалната минимална кошничка за јули 2024 година изнесува 60.570 денари и е поголема за 245 денари во однос на јуни, кога изнесуваше 60.325 денари, а, пак, во однос на мај, е повисока за 480 денари. Министрите кои се гласни дека не треба да се зголемуваат платите затоа што во буџетот нема пари за тоа, земаат плата во висина од 115.540 денари плата (78% зголемена) или со една плата можат да покријат две (2) Синдикални минимални кошници, а работниците на кои им кажуваат дека нема пари за зголемување на плата, едвај преживуваат со 22.567 денари плата и на истите им се потребни 2,7 минимални плати за на своите семејства да им ги овозможат најнеопходните и минимални потреби за преживување, велат од ССМ.
За СДСМ пак економските политики на оваа Влада ја носат државата кон сиромаштија додека стандардот на граѓаните почнува забрзано да се влошува. Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува се поскап.
„За еден месец, за 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на граѓаните во август во споредба со јули.Граѓаните се жалат на се поскапиот живот а Мицкоски само „апелира“ до бизнисменните да ги намалат цените. Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот““ велат од СДСМ.
Замрзнувањето на цените не е популарна мерка, но Владата мора да реагира, трговците да бидат одговорни, вели премиерот Мицкоски.
„Не е популарна мерка да замрзнувате цени и да ограничувате маржа. Тоа нема врска со пазарна економија. Но, кога гледате дека одговорноста е се помала и дека имате дуопол, триопол, а некогаш и монопол на пазарот, тогаш како Влада мора да реагирате со ваков тип мерки со кои ќе работите во интерес на граѓаните, оние кои ве гласале“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Досега се утврдени 26 случаи на нефер трговски практики во договори меѓу производителите, добавувачите и трговците поради големите проценти на рабат и до 40 oтсто, кои влијаат на крајната цена на производот, а тоа го плаќаат граѓаните, изјави за МИА заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Новиот закон за нефер трговски практики, според европска директива, и прв што ќе се применува во земјите од југоисточна Европа, треба да стапи на сила од 28 овој месец. Министерството за економија и труд законот го објаснува меѓу стопанствениците. Во пресрет на Законот, се подготвуваат новите договори меѓу производителите, добавувачите и трговците кои се по препорака на Европа. Утврдените 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени.
„Тие утврдени 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени. Голем дел од договорите и членовите во договорите ќе бидат по препорака на Европа. Новите договори треба да бидат готови до 28 септември и потоа, во октомври и во ноември очекуваме да имаме резултат кај цените на производите, бидејќи, нас, како Влада и како министерство за економија, секогаш таргет и приоритет ни се граѓаните. Се очекува и намалување на цените зашто ќе ги нема тие 35 до 40 проценти рабат, а со Законот на годишно ниво ќе биде сведено на 10 проценти“, вели Ристрески.
Во досегашните договори меѓу производителите, добавувачите и трговците, има екстремно високи проценти на договарање и рабат – дури и до 35 и 40 насто и сето тоа крајно ги оптоварува производот и крајниот потрошувач, граѓаните. На ваков начин од дел трговци, производителите, некако се и уценувани. А поради тоа производителите мораа да ги зголемат цените за да имаат исплатливост, објаснува тој.