ТЕРА

REKLAMA???

ДЕНОТ НА ДРЖАВНОСТА НА ХРВАТСКА ОДБЕЛЕЖАН ВО БИТОЛА

Со настапот на далматинската клапа „Жрновница“ од Хрватска, и гостувањето на Народниот театар од Сињ со претставата „Семејна идила“ од М.Ненадовиќ, а по адаптација и драматизација на Жељко Вицулин,во Битола беше презентирана дел од хрватската традиција и култура. Имено по повод Денот на државноста на Република Хрватска, Македонско-хрватското друштво (МХД) и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ традиционално и оваа година ја организираа манифестацијата за одбележување на овој ден во КИЦ-Офицерскиот дом.

Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, многубројни Хрвати кои живеат и во другите градови на Македонија, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна, театар  и култура.На присутните им се обрати хрватската амбасадорка, Нивес Тигањ.

Во име на домаќинот на манифестацијата, Хрватскиот културен центар, на гостите им се обрати претседателот на центарот Бранко Маретиќ, кој истакна дека  е среќен што во Битола го прославуваат Денот на државноста, на датум кој е многу значаен за Хрватска и Хрватите, без разлика каде се наоѓаат.

Клапатa „Жрновница“ доаѓа од истоименото место, предградие на Сплит, Хрватска. Континуирано работи од 2008 година, а е основана од нејзиниот долгогодишен водител, маестро Марко Марин.

Тие имаат учествувано на многу фестивали, концерти во Хрватска и во странство, настапувале во Франција, Италија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, на Хрватскиот музички фестивал во Виена, Австрија, Словенија, Чешка и со задоволство како што ни изјавија, настапуваат на бројни хуманитарни и други културни настани.

Во програмата за одбележување на овој значаен празник за хрватската историја, народниот театар од Сињ ја изведе претставата „Семејна идила“ од М.Ненадовиќ, адаптација и драматизација на Жељко Вицулин. Соработката со Хрватскиот културен центар започна од средбата во Хрватска.

Премиерата на оваа претстава беше минатата година, а по барање на публиката досега е изведена над 20 пати во Хрватска. Народниот аматерски театар од Сињ е основан во 1956 година. Во сите овие години од нивното постоење подготвиле повеќе од 160 премиерни изведби.

Културните гостувања и соработки траат долги години, колку што постои Македонско хрватското здружение и Хрватскиот културен центар, а со цел  да се претстави богатата култура и традиција на Хрватска.

Вечерта помина во прекрасна атмосфера, а сите присутни заедно пееја и уживаа. По концертот, во ресторанот на хотел “Премиер – Центар“ се одржа свечениот коктел, на кој беа договорени нови настапи и соработки,  а гостите уште еднаш уживаа во прекраснатите изведби на клапа Жрновница.