Дескоска: Градинките треба да бидат инвестиција во иднината на децата, не замена за бабите и дедовците

0
135

Важноста за проширување на пристапот до квалитетно рано детско образование и заштита, како и регионалните и глобални трендови и практики за значењето на раниот детски развој беа презентирани на денешната конференција на која учествуваат 50-ина претставници од земјите на Западен Балкан, вклучувајќи и претставници од владите и меѓународната заедница.

Премиерот Зоран Заев обраќајќи се на отворањето на конференцијата истакна дека еден од приоритетите на Владата е да се зголеми опфатот на деца во градинките за 50 проценти со проширување на капацитетите особено во руралните средини.

– Детскиот живот е како парче хартија. Каква белешка ќе оставиме од тоа зависи какви генерации ќе оставиме зад нас. Ниту еден човек не може сам, има нешта и кои се заеднички, на сите нам ни се потребни здрави генерации, рече Заев.

Премиерот посочи дека Владата вложила во инфраструктурата во предучилишните установи и заедно со поддршка на Светска банка за 2018 се планирани 18 нови проширувања на градинките, додека во 2017 се започнати 13 нови проширувања на градинките надвор од Скопје.

Истакна дека предучилишниот период има огромна образована улога по кој пат ќе тргнат децата, а влијанието на раниот детски развој јасно се гледа во подоцнежниот образовен процес, односно според истражување на ОЕЦД децата кои имале пристап до рано образование за 30 проценти биле подобри во читањето за разлика од останатите деца.

Министерката за образование Рената Дескоска рече дека Владата на РМ на образованието гледа како на влог во иднината и на следните генерации во општеството.

– Тоа што ќе го вложиме критички да размислуваат, вредностите на кои ќе ги научиме, солидарност, почит, грижа, тоа ќе се рефлектира назад во општеството неколку години подоцна, рече Дескоска.

Истакна дека првите неколку години од животот на едно дете се најважните за неговиот развој затоа што сите искуства што ги стекнува во почетокот на својот живот влијаат на неговиот развој.

– Градинките не се и не смеат да бидат само места кои ги заменуваат бабите и дедовците каде што децата спијат и јадат и го поминуваат целиот ден се додека не се вратат дома. Времето поминато во градинка е драгоцено време за инвестиција – инвестиција во иднината на нашите деца. Затоа наша обврска е да обезбедиме квалитетен ран детски развој на што сме посветени, рече Дескоска.

Таа го цитираше Аристотел кој рекол дека „оние кои ги образуваат децата се многу позначајни од оние кои ги направиле, бидејќи тие што ги направиле им имаат дадено живот, но тие што ги образуваат им покажуваат како да живеат добро“.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека сите заедно имаме одговорност надвор од семејството да ги подготвиме децата за животот што следува.

– Треба да изградиме ран детски развој што ќе дава позитивно влијание на секое дете да се вклучи во општеството. Треба да се зголеми квалитетот на предучилишните установи, квалитетот на воспитувачките и да се променат програмите во градинките што денеска не се направени така да децата ги учат критички да размислуваат, рече Царовска.

Линда Ван Гелдер, регионален директор на Светска банка за земјите од Западен Балкан, рече дека вложувањето во раниот детски развој треба да биде една од најприоритетните инвестиции што една земја треба да ги направи.

– Пристапот до образованието е реално на ниско ниво во Западен Балкан во споредба со земјите во ЕУ каде што е во интервал од 85 до 100 проценти, пристапот, исто така, е и нееднаков, односно ранливите групи деца имаат поотежнат пристап до раното образование, рече Ван Гелдер.

Според неа, добрите образовни услуги пред влегувањето во основното образование го подобруваат учењето, особено на девојчињата и децата од најранливите категории и ја зголемуваат ефикасноста на училишниот систем што овозможува да се намалува повторувањето.

fokus.mk