Дескоска – Нема да го правам тоа против кое сум се борела

0
465

Се боревме против политиката во образованието и газењето на автономијата на Универзитетот и мислам дека е неумесно да го правите тоа против што сте се бореле, вели министерка за образование и наука, Рената Дескоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министерке Дескоска, констатирани се грешки и небулози во учебниците, во кои има говор на омраза и дискриминација. Велите дека нема да има ревизија на факти, туку на невистините факти. Дали кај нас секоја генерација ќе има различни толкувања?

Не. Ние во процесот на проверка на учебниците кој е во тек, каде што имавме првични согледувања од сите наставници коишто предаваат во основните и во средните училишта, сега веќе и експертски групи прават анализи на одредени учебници по физика, хемија, каде е воочено дека има погрешно презентирани податоци, погрешни формули, погрешно презентирани или дефинирани физички закони, погрешни преводи од некои учебници, така што нашата цел е она што е воочено како грешка од самите наставници во основните и во средните училишта сега се дава на проверка на експертски од таа област да биде исправена. Не станува збор за бришење на историја или измена, тоа е апсурдно кој било да помисли тоа да го прави. Ние сакаме да им дадеме на нашите ученици можност да учат од учебници кои не содржат грешки.

До каде е ревизијата на учебниците и ќе се ревидираат ли учебници по географија и историја во рамки на договорите за добрососедство на Македонија?

Такви процеси не сме почнале, ниту некој официјално побарал од нас. Сега главно фокусот ни е на оние учебници, претежно од природните науки, граѓанското образование, оние каде што лесно се забележуваат грешките. Граѓанското образование ни е од посебен фокус од причини што целта ни беше да дадеме еден активистички пристап кон политичките процеси кај учениците.

Се обидува ли Министерството да создаде научно-образовен систем кој ќе биде над дневно-политичките интереси и идеолошки пропаганди или повторно ќе имаме политика? И какви штети ќе иницира ваквиот погрешен пристап во образованието којшто се практикува подолг период?

Основната цел која ме води мене во ова министерство е дека политиката треба да излезе од образованието. Јас како дел од образовниот систем пред да дојдам на оваа функција, секојдневно ние го чувствувавме политичкиот притисок на Универзитетот. Губењето и газењето на автономијата на Универзитетот беше еден процес којшто имаше длабока политичка заднина. Ние сме се бореле против тоа и сме протестирале и јас сум била дел од тие професори кои го кренале гласот и мислам дека неумесно е против тоа што сте се бореле да го правите истото. Во целокупното работење досега се обидувам да се афирмира автономијата на Универзитетот, слободата на мислата и деполитизацијата на образованието.