„Детето сонува“ нова премиера на битолскиот театар

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„Приказна за едно патување на една мајка и едно дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото и ги протеруваат мајката и синот. Тие запловуваат во пространиот океан на непознатото, молат за засолниште на еден сиромашен остров и желни се да се откажат од се’ освен од животот, чекајќи каков и да е спас“.
Ова е краток вовед во емотивната приказна на најновата премиера насловена како „Детето сонува“ која ќе биде поставена на сцената на Народниот театар од Битола со претпремиера на 25.01.2019 во 20 часот и премиерно издание на 26.01.2019 во 21 часот.
„Со една ваква приказна бевме затекнати и ние и нашата држава и на некој начин од уметички аспект им должиме една претстава на „бегалците“ за кои многу малку се зборуваше“, истакна Директорот на Народниот театар, Иван Јерчиќ.

„Овој текст е напишан во 1939 година, а е актуелна како да е напишана денес“, посочува Уметничкиот директор на Народниот театар Илина Чоревска.


Чоревска додава дека е благодарна на режисерот Итаи Дорон и сценографот Омри Розенблум кои како што рече го надоградите искуството на театарот со нивното знаење за работење со театар. На сцената ќе биде поставен како што велат мал филмски сет кои естетски не наликува на ниту една друга претстава која била работена во битолскиот театар.

„Претставата се базира на црн хумор и опишува како е да се биде личност во овој свет“ рече режисерот на „Детето сонува“, Итаи Дорон.


Омри Розенблум кој е задолжен за сценографијата и визуелното уредување на претставата посочи дека инспирацијата ја добил од детска израелска игра наречена „Море и земја“.

„За прв пат во Македонија се поставува претстава која зборува за миграцискиот проблем“, посочи драматургот на претставата, Билјана Крајчевска.


„Човек учи додека е жив“, оваа теза се докажа работејќи на оваа претстава, бидејќи од овие млади луѓе кои дојдоа да работат со нас не’ научија на еден нов процес на работа“, Истакнува Чоревски.

Најмалиот член од актерскиот ансамбл Ангел Мицевски истакна дека ова за него до сега била најголема улога откако учествувал во театарски претстави.

„Од продукциски аспект оваа претстава е возможно да се произведе само во битолскиот театар“, истакнува Благој Мицевски и додава дека како костимограф беше потребно да се изработат костими кои ја поддржуваат приказната.


Претставата е поддржана од министерството за култура, а беше предвидена со програмата од 2018 година.

Share.