Детскиот хор „Македонски ѕвончиња“ со прва награда на Интернационален фестивал

Со прекрасната вокална изведба на 42 Македончиња од целиот свет, детскиот хор „Македонски ѕвончиња“ ја освои првата награда на Интернационалниот фестивал „Aphrodite-Voice International-Festival“ што во мај се одржа на Кипар.

Во конкуренција од 15 држави, хорот, кој има седиште во Битола, но ги обединува дечињата со македонско потекло што сакаат да пеат од целиот свет, успеа со „Билјана платно белеше“ да го освои првото место на фестивалот. Хорот го сочинуваа дечиња од повеќе градови во земјава, како и Македончиња од Канада, Шведска, Германија и Швајцарија на возраст од 4 до 17 години.

„Билјана платно белеше“ е втор проект на „Македонските ѕвончиња“ во кој познатата традиционална песна е изведена од дечиња со музичка придружба онлајн, а видеоматеријалот е збогатен со убавините на Македонија. Со неа ќе настапат и на Интернационалниот фестивал за мир во Виена, Австрија, овој пат онлајн. На овој фестивал нема да се натпреваруваат, туку само ќе учествуваат на покана на организаторите, а од 6 до 11 јуни ќе биде претставена нивната музичка изведба онлајн.

Сподели