Дефект на трафостаница на МЕПСО причина за испадот на блок 3 во РЕК Битола

0
648

Причина за испадот на третиот блок на РЕК Битола е експлодиран струен мерен трафо на 400-киловолтниот далновод кон Скопје во трафостаницата Битола – 2 на МЕПСО, информираат од АД ЕЛЕМ.

– Зради тоа, во 1:33 часот е исфрлен бочниот прекинувач за заштита на блок 3, со што дојде до испад на блокот. Блокот е синхронизиран во 11:49 часот со електроенергетскиот систем и повторно е пуштен во функција – соопшти ЕЛЕМ.

Во меѓувреме, како што посочуваат, електрична енергија за тарифните потрошувачи беше обезбедена од другите производни капацитетите и немаше прекин или недостаток во снабдувањето.

Во врска со испад на блок во РЕК Битола oд МЕПСО информираат:

– Во 1:34 часот денеска (сабота 28 април) во Националниот диспечерски центар регистрирана е безнапонска состојба во 400/110 киловолтната трансформаторска станица „Битола 2“. Станува збор за дефект на елемент од преносната мрежа (мерен струен  трансформатор) во таа постројка. Согласно со протоколите за работа веднаш реагирала релејната заштита и ја исклучила трансформаторската станица од преносната мрежа. Заради тоа е исклучен од мрежа и блокот во РЕК Битола. Дежурните екипи на МЕПСО веднаш реагирале и го санирале за еден час дефектот, по што постројката е вклучена под напон во 2:45 часот. Блокот во РЕК Битола, согласно со процедурата за пуштање во погон на термоелектричната централа,  е синхронизиран на преносната мрежа во 11:50 часот.