Димитров му се извини на Ел Масри за незаконското апсење

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министерот за надворешни работи Никола Димитров се извини за несоодветното однесување на властите во случајот на Калид Ел Масри, кој во 2004-та година незаконски беше уапсен во Македонија, и неправедно задржан и испрашуван.

Во писмо испратено до Ел Масри, Димитров изразил „длабоко извинување и искрено жалење“ за несоодветното однесување на властите, како резултат на што претрпел „ неизмерливи и болни искуства, тешки физички и психички повреди и болки“, соопштија Отворено општество иницијатива за правда и Американското здружение за заштита на човековите слободи.

„Го поздравуваме извинувањето до Ел Масри на Владата на поранешна Југословенска Република Македонија, и нејзиното признание дека безбедносните служби ја прекршиле Европската конвенција за човекови права. Од друга страна, САД и натаму продолжуваат да одбиваат одговорност на кој било во ЦИА за овој случај“, изјави Џејмс Голдстон, извршен директор на Отворено општество иницијатива за правда, нагласувајќи дека Македонија допрва ќе отвори криминална истрага за тоа што се случило, со цел да се утврди одговорност.

И Џамил Деквор, директор на Американското здружение за заштита на човековите слободи, го поздрави официјалното извинување на Македонија, велејќи дека ова е прв чекор кон откривање на целата вистина за нелегалното киднапирање и тортура на Ел Масри.

Во 2012-та година, македонската Влада плати отштета од 60.000 евра поради прекршување на Европската конвенција за човекови права.

Share.