Димитров: Уставните измени не се напишани, ниту преговарани

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Четирите амандмани на Уставот ќе ги формулира Собранието до крајот на годинава, а засега тие не се ниту напишани, ниту преговарани, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Оваа реакција следува по неколку дневните прозивки од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат на нивното тврдење дека амандманите веќе се стигнати од Грција како нонпејпер, а дека нив во Македонија веќе ги доработувал професор по уставно право.

Димитров спомена четири амандмани на Уставот – првиот се однесува на додавање на одредницата северна, вториот на неменување на границите, третиот за грижата за македонското национално малцинство во соседните земји, кое, како што рече, ќе се прошири во грижа за правата на целата дијаспора. Четврто, во преамбулата нема да се чепка ништо од државно правниот наратив, кој почнува од Илинденското востание преку АСНОМ до референдумот за независност, рече министерот.

„Колку повеќе луѓе ќе речат, да, сакаме да одиме напред, толку полесен ќе биде политичкиот процес во Собранието, каде што ќе треба да се формира мнозинство од 80 пратеници. Ние ќе се обидеме тој процес, со такво мнозинство за овие четири уставни амадмани да заврши заклучно со крајот на декември оваа година”, рече Димитров.

Објаснувајќи ги другите нејаснотии за Договорот, за кој причина рече дека се и постоењето многу дезинформации во јавноста, Димитров нагласи дека кон името Македонија се додава географска одредница Северна и земјава нема да биде Северно од Република Македонија како што се уште мисли дел од јавноста. Терминот „nationality” во кој според Договорот ќе пишува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија значи државјанство, а не етничка припадност објасни Димитров додавајќи дека идентитетските одредници се во друг член од договорот.

„И во него јасно се укажува дека Македонија се однесува на нашата територија, јазикот е македонски, народот е македонски со сите одлики”, рече Димитров.

Меѓународните кодови остануваат МК и МКД со исклучок на регистарските таблички, а влегувањето во сила на спогодбата е врзана со ратификација во Грција на протоколот за зачленување на земјава во НАТО, додаде Димитров.

slobodnaevropa.mk

 

Share.