Планот за прекин на огнот во Газа претставен од американскиот претседател Џо Бајден не е во спротивност со воените цели на Израел, според израелски владин претставник, јави ДПА.
„Израел нема да ја заврши војната пред да ги постигне сите свои воени цели: уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас, ослободување на сите заложници и обезбедување Газа да не претставува закана за Израел во иднина“, рече денеска израелскиот претставник.
Тој додаде дека „претставениот предлог му овозможува на Израел да ги постигне овие цели и Израел навистина ќе го стори тоа“.
Советот за безбедност на ОН вчера го одобри предлогот на Бајден, кој предвидува прекин на огнот во три фази.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја „потврдил својата посветеност“ на прекин на огнот во Појасот Газа.
Шефот на американската дипломатија, реакцијата на Хамас на презентираниот план ја оцени како „знак на охрабрување“.
Хамас објави дека ја поздравува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Појасот Газа.
Блинкен патува од Израел во Јордан, каде што треба да учествува на состанокот за помош за Појасот Газа.
МИА












