Штитениците од Дневниот центар во Битола добија сензорна соба. Ја пушти во употреба министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Сензорната соба е интерактивна соба опремена со соодветна опрема која ја потпомага стимулацијата на сетилата за слух, вид, допир, мирис, а воедно влијае и на развој на фина моторика.

„Уште еднаш се покажа дека заедничката работа и вклученоста на сите чинители во општеството, невладиниот сектор, бизнис секторот и Владата преку своите институции, дава најдобри резултати од кои директна придобивка имаат граѓаните. Токму со донацијата која е во соработка со граѓанската организација „Деца“ од Австрија и Компанијата „Интерворкс“ заедно со Центарот за социјална работа во Битола придонесовме кон подобри услови и истакнување на потенцијалот на лицата со попреченост” рече Тренчевска.

Дневниот центар во Битола работи во склоп на Центарот за социјална работа веќе 20-на години и до сега имаат згрижено над 60 корисници.

„Сензорната соба има елементи и опрема која навистина им треба на лицата, денот ќе им биде интересен, така што нивниот емоционален баланс подобрување на нивната моторика, да добијат писхолошки третман, едноставно за нив секој ден тоа станува се поуспешно, затоа што тука работи тим од стручни работници“, рече др. Лидија Ѓошевска, директор на Центар за социјална работа-Битола.

Петар Поповски од Невладината организација „Деца“ од Автрија објасни како дошле до идејата за реализација на сензорната соба.

Сензорната соба е место каде лицата можат да постигнат сензорна интеграција, да ги истражуваат и развиваат своитер сензорни и моторни вештина, да се релаксираат и да се ослободат од напнатост, беше речено на денешниот настан.












