Дождот и снегот ја кренаа Црна и Шемница

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Водостоите на реките во Македонија се над просекот за овај период од годината. Според информациите од УХМР во Битола во изминатите 24 часа наврнале 10 литри дожд на метар квадратен. Информациите од Дирекцијата за заштита и спасување говорат дека  нивото на река Црна е зголемено. Од општина Могила велат дека  нема опасност од излавање на коритото, ја  следеле состојбата на терен, и ги  презеле сите превентивни мерки за заштита од поплави.

-Во општина Могила поради обилните врнежи од дожд нивото на Река Црна е зголемено, меѓутоа водостојот се следи. Засега нема никаква опасност од излевање. Според информациите од Дирекцијата за заштита и спасување измерен е водостојот на Река Црна и изнесува 225 сантиметри. Општина Могила во изминатиот период спроведе акција за чистење на каналите и речните корита на реките Црна и Шемница. Се направи насип на Река Црна и се преземаат сите превентивни мерки од страна на општината за да се заштитиме од евентуални поплави, рече Јасмина Гулевска, градоначалник на општина Могила.

Максимумот на коритото на Река Црна е 485 сантиметри, денес нивото на коритото изнесува 216 сантиметри, вели градоначалникот на Новаци и додава дека нема опасност од излевање.

-Секојдневно ја пратиме состојбата со Река Црна. Моментално нивото на реката изнесува 216 сантиметри, а максималното ниво е 485 сантиметри. Значи коритото не е ни 50% полно. Вчера нивото на коритото изнесуваше 180 сантиметри.Сметам дека и покрај овие дождови не би требало да има излевање на реката. Во должина од 30 километри е исчистена и продлабочена, останува уште да го прошириме коритото од потегот кај Скочивир до Брод, рече Љубе Кузманоски, градоначалник на Новаци.

Состојбата на Река Црна и Стара Река во општина Демир Хисар е стабилна. Сега засега нема излевање на коритата на реките кај критичните места во с.Жван, Сопотница и Свети Бараково, вели градоначалникот на општината.

-Зголемено е нивото на водата во Река Црна и Стара Река, но не е забележано излевање на реките кај критичните места с.Жван, Сопотница и Свети Бараково. Од извршениот увид опасност од излевање нема, но тоа незначи дека ако продолжат врнежите и од топењето на снегот дека нема да дојде до излевање. Располагаме со едно возило „скип“ и истото ќе биде вклучено во тие критични места каде што би се појавило излевање, за да не дојде до штета на земјоделските посеви, рече Марјанче Стојановски, градоначалник на општина Демир Хисар.

Според УХМР утре ќе се задржи променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, на планините со повремен снег. Потоа од среда следува период на стабилно и суво време. Од четврток ќе има позначителен пораст на дневната температура, што ќе предизвика забрзано топење на снежната покривка.

Share.