Доктори од ЕУ ќе дојдат да ги обучуваат нашите доктори

0
485

Бараме партнер, кој ќе биде универзитетска болница од ЕУ, со цел експерти, посебно за работи коишто не се изведуваат кај нас, да пратат доктори кои во Македонија ќе ги тренираат нашите доктори, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Филипче, деновиве јавноста се вознемири по изјавата дека проблемот со високата стапка на смртност на новороденчињата и родилките е и поради тоа што родилките не водат грижа за нивната здравствена состојба. Дали сметате дека многу поголем е проблемот што во 40 општини нема матични гинеколози, како што ве прозва јавноста, но и дека ги нема сите потребни услови на гинеколошката клиника во Скопје, во смисла на инкубатори и доволно медицински кадар, особено медицински сестри?

Навистина ми е жал што имаше таква реакција, но јас во моето излагање ги спомнав сите фактори кои влијаат на смртноста на новороденчињата во Македонија. Сакајќи да направиме акциски план за стратегија за сериозно да се зафатиме со решавање на овој проблем, сакавме да влијаеме врз сите фактори за кои сметаме дека имаат влијание на проблематиката со која што сме се зафатиле. Се осврнуваме и имаме план за тоа како ќе влијаеме на ниво на Гинеколошката клиника во смисла на набавување на соодветна опрема, веќе се започна со процесот на набавување на инкубатори. Знаете порано по две новороденчиња имаше во еден инкубатор, сега има 16 нови инкубатори. Понатаму имаме план за подигнување на нивото на знаењето на докторите кои работат во таа струка. Започнуваме процес на едукација. Доаѓаат стручњаци од странство, од СЗО, кои по светски стандарди ќе ги обучуваат нашите лекари кои работат на таа проблематика и ќе ги тренираат да бидат обучувачи. Работиме и на примање нови доктори, како гинеколози по општините, така и на неонатолози во родилиштата. Ги активираме мобилните гинеколошки амбуланти сместени во специјални возила за пациентки на кои не им е таа услуга достапна. Во таа смисла воопшто не беше целта некој да се најде навреден, но има еден одреден број жени на кои првото појавување на гинеколог им е на самото породување.

Апелиравте да не се препраќаат родилки во Клиничкиот центар во Скопје од други градови, како Битола, Штип и Тетово, потенцирајќи дека секое родилиште ќе има животоспасувачки лекови. Но, како ќе се справите со проблемот со недоволна обученост или стручност на кадарот во внатрешноста, кој е актуелен со години и покрај едукациите што се правеа, а преку ноќ не може да се реши?

На поискусните лекари можеби таквата едукација им е потребно да биде многу пократка, можеби само за неколку дена може да ја подобрат својата експертиза, но за помладите лекари едукацијата треба да биде еден сериозно долг процес. Ние, освен оваа стратегија за намалување на смртноста на новороденчињата, работиме и на план за едукација генерално на сите доктори во нашата држава и тоа како преку соодветни тренинзи во странство, но соодветно долго за да може да го стекнат нивото на експертиза, така и на носење на експерти локално во нашите услови. Бараме партнер, кој ќе биде универзитетска болница од ЕУ, веќе разговаравме со Министерството за здравство од Бугарија, имаме и разговори и со една болница од Германија со цел експерти, посебно за работи коишто не се изведуваат кај нас, да пратат доктори кои ќе бидат присутни овде и во локални услови ќе ги тренираат нашите доктори и на тој начин во локални услови нашите доктори ќе го подигнат нивото на знаење и тоа ќе го аплицираат во својата секојдневна работа.

Често во јавноста се објавуваат и информации за присуство на бактерии во операционите сали и други простории на клиниките. Дали е тоа хроничен проблем зa кој нема решение и можеби и дел од причините за смртноста и други компликации кај пациентите?

Секако дека е. Станува збор за инфекции кои се јавуваат насекаде низ светот во болнички услови, посебно во интензивните неги. Затоа следниот чекор, односно една следна стратегија која ќе ја обелодениме, е намалување на овој проблем. Деновиве беше ревидирана комисијата за антимикробни и интрахоспитални инфекции и сметаме дека со така освежен еден состав за многу кратко време ќе направиме и акциски план за тоа како да ги намалиме инфекциите во нашите болници.

Поголем е што дел од здравствените работници заминаа во странство, а тие што се тука велат дека го губат ентузијазмот поради ниски плати и партизацијата. Како ќе се реши проблемот со кадар во здравството и дали планираното зголемување на платите од пет проценти ќе биде доволна стимулација и мотив лекарите да се вратат во јавното здравство?

Дозволите да ве уверам дека во рамките на економските перформанси на нашата држава и генерално на финансиите и на Фондот за здравствено осигурување, вложуваме максимални напори да ги подобриме платите на нашите доктори и медицинскиот персонал. Петпроцентното зголемување е само почеток, очекуваме дека со ребалансот ќе има повеќе, понатаму да се одвои екстра сума на пари со која ќе се зголеми цената на чинење на дежурството на сите здравствени работници низ целата држава. Но, тоа не е единствениот фактор којшто ги задржува или ги тера нашите доктори да заминат во странство. И самиот систем на функционирање за кој напорно работиме да се подобри, но во исто време степенот на едукација и знаење кое го добиваат тука, а за кое ви споменав по кои механизми сакаме да го подобриме, цврсто сум уверен дека е сериозен фактор да ги задржи докторите тука.

Кога ќе има натамошно зголемување од ова што го најавивте и мислите ли дека тоа ќе биде мотив и на лекарите од приватното здравство да се вратат во јавното здравство?

Има интерес од голем број приватни лекари да се вратат во јавното здравство. Зголемување на платите ќе почне во втората половина на годината, а зголемувањето на парите за дежурствата во првата половина на годината.

Македонската јавност беше потресена и со случајот со смртта на родилка во приватна болница во текот на операцијата. Дали утврдивте која е причината за смртта на родилката? Во очекување на јасен одговор, во јавноста се отвори и дилема какви анестезии се употребуваат и дали тие се безбедни.

Комисијата која имаше задача да го испита целиот случај само делумно заврши со работата, целокупната документација ќе биде комплетирана кога ќе пристигне извештајот од Институтот за судска медицина, така што со официјален извештај и став ќе излеземе потоа. Во однос на лековите, ве уверувам дека станува збор за европски и квалитетни лекови кои се користат за анестезија во сите наши јавни здравствени установи.