Донација од „Плодност“ за Здравствениот дом во Прилеп

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

На четвриот по ред тематски ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“, во организација на Агенција „Марили“, прим. д-р Таше Трпчевски беше еден од предавачите и го отвори овој тематаски ден со предавањето „Емоционален аспект кај жената при ин витро оплодување“. Покрај предавањето, неговиот придонес на тематскиот ден беше и од хуманитарен карактер. На хуманитарната аукција на слики, чии собрани средства се наменети за ЈЗУ Здравствен дом Прилеп, д-р Трпчевски учествуваше со купување на три уметнички дела, во вредност од 1800 евра. Денес во Болница „Плодност“ на прим. д-р Таше Трпчевски му беа врачени уметничките дела од страна на директорката на Здравствениот дом Прилеп д-р Оливера Аџиоска и менаџерката на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп Јана Јанеска Ристески. Д-р Трпчевски ја посочи личната заложба дека здравството во земјава мора да има повисоки стандарди и дека токму поради тоа, тој сакал да им помогне на своите колеги во Прилеп. 


Директорката на Здравствениот дом д-р Оливера Аџиоска се заблагодари на донацијата на д-р Трпчевски со надеж дека голем дел од лицата кои имаат свој бизнис ќе го следат неговиот пример. Таа посочи дека средствата ќе бидат наменети за Итната медицинска помош во нивната здравствена установа.


Прекрасните уметнички дела се сопственост на една од најстарите ликовни колонии во земјава, организирани од Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп, а во Битола беа донесени од страна на менаџерката на оваа установа, Јана Јанеска Ристески.


Преку овој гест уште еднаш сопственикот и директор на Болница „Плодност“ д-р Таше Трпчевски, ја покажа својата хуманитарна човечка димензија, а со тоа и ја потврди општествената одговорност на болницата, која покрај грижата за своите пациенти, се грижи и за општото добро на сите граѓани.

 

Share.