ТЕРА

REKLAMA???

ДО 18 МАРТ НА УВИД ЌЕ БИДЕ ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Државна изборна комисија денеска објави дека околу 4.000 лица направиле увид во единствениот избирачки список што ќе се користи на претседателските и парламентарни избори годинава. Од нив 6 лица побарале промена на своите податоци, 9 лица побарале запишување, а 5 бришење. До 18 овој месец граѓаните може да проверат дали нивните податоци за матичниот број, адресата на живеење и местото на гласање се точни или ако имало потреба ажурирани.

Подготовките за спроведување на претседателските и парламентарните избори што ги реализира Државната изборна комисија ( ДИК) се во полн ек. Членовите и администрацијата секојдневно ги спроведуваат активностите поврзани со изборите, а утврдени со Изборниот роковник и Изборниот законик. До 18 овој месец трае увидот во Единствениот избирачки список –  список на граѓани, потенцијални гласачи, евидентирани со нивното живеалиште, односно нивниот престој.

И во овој избирачки процес функционира посебна интернет (веб) страница преку која може граѓаните да проверат како и дали може да го остварат своето избирачко право.

Проверката  и сите промени и дополнувања се вршат во подрачните односно општинските канцеларии на Државната изборна комисија, а може и електронски, преку адресата  izbirackispisok. gov. mk.  Првиот чекор кога сте на страницата за проверка е ставање на личните податоци – матичен број или адреса. Во прозорчето подолу и чудните искривени бројки и букви од понудената слика и кликнете БАРАЈ. Ќе добиете повратна информација за тоа дали вашите податоци се наоѓаат на Избирачкиот список.  Во податоците треба да го добиете вашето име, единствениот матичен број,  населеното место и избирачкото место во кое треба да гласате заедно со информации за пристапноста на избирачкото место.

Канцелариите на ДИК се отворени од 8.00 до 20.00 часот,секој ден и во викенд и празници. На 18 март, последниот ден од можноста за увид во списокот канцелариите ќе работат до полноќ.

И во канцелариите и електронски се прават сите промени, дополнувања или бришења на податоци. Најпрвин, секој граѓанин има право да поднесе барање до ДИК да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини. Или пак имате промена на живеалиштетот или личните податоци – име или презиме. Увид може да направат и граѓани чие живеалиште било променето односно поништено од министерството за внатрешни работи во управна постапка. Податоците за лицата починати 30 дена пред распишувањето на изборите, така треба да бидат избришани од списокот.

Врз основа на барањето, канцелариите во рок од 24 часа треба да донесат Решение за запишување, дополнување / промена или бришење на податоците од Избирачкиот список. Откако  ќе го донесе решението, канцеларијата по службена должност го информира Секторот за избирачки список, преку со закон пропишани обрасци.

Правото на јавен увид го имаат сите граѓани. Тие кои се вброени во категоријата „дијаспора“ – односно граѓаните кои согласно евиденцијата се на привремена работа или престој во држава во која се наоѓа Дипломатско конзуларнои претставништво. Увидот може да го направат преку интернет/ веб страницата dijaspora.sec.mk (впишано со латинични букви).

Канцелариите на ДИК се надлежни и за впишување  во избирачкиот список – сите кои во периодот од последните избори наполнале 18 години. И тоа може електорнски да се реализира, преку веб страницата upisis@sec.mk

Инаку, увидот во избирачкиот споисок започна на 28 февруари, а според Изборниот законик. Избирачкиот список се прави преку вкрстување на податоци од неколку државни институции, а четири пати годишно Министерството за внатрешни работи ги испраќа потребните податоци за промените во населението. Конечната бројка – листа на гласачи  ќе се знае 35 дена пред изборите.