Дрво на пријателство засадија градоначалниците на Битола и Епинал

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По повод 50 годишнината од збратимувањето на Битола и Епинал, градоначалниците Наташа Петровска и Мишел Хајрниш  засадија Дрво на пријателството во катчето на Епинал, во централното градско подрачје, во присуство на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние и на поранешната амбасадорка Лоренс Оер.

„Една садница повеќе во нашиот град, меѓутоа, не обична садница, туку садница која го одбележува пријателството со нашиот збратимен град Епинал, на местото каде што е претставена постоечката населба во Епинал, која што го носи името Битола. Ова катче и нас битолчани треба да не потсетува на тоа дека имаме топли релации и врски со градот Епинал. Ова е симболична садница, која што во иднина, со својот раст, ќе ја потврдува соработката со нашата пријателска држава Франција и на идните генерации ќе им покажува дека треба да се движат во таа насока“, истакна Петровска.

„Многу сум чувствителен на овој гест, на засадувањето на ова заедничко дрво кое што го претставува зацврстувањето на односите помеѓу нашите два града“, рече градоначалникот на Епинал Мишел Хајнриш.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние пак, посака растот на ова дрво симболично да го означи и напредокот на нашата држава.

„Се надевам дека ова дрво ќе израсне и ќе го симболизира пријателството меѓу Епинал и Битола, но исто така им посакувам на младите од Битола да го изучуваат францускиот јазик и се надевам дека со новите перспективи ќе има размена и на економски план и со новиот напредок на земјата ќе имаме уште поголеми заеднички успеси“, рече амбасадорот Кристијан Тимоние.

По засадувањето на Дрвото на пријателството, високата делегација преку Широк сокак се упати во НУ „Завод и музеј“, на изложбата „100 години од Македонскиот фронт“. Настанот се одржа по повод 4 ти ноември Денот на ослободувањето на Битола.

Share.