ЕВН ја чисти вегетацијата на потегот Сапунчица-Копанки

0
2236

Деновиве на социјалните мрежи се појавија фотографии од сеча на дрвја во Националниот парк Пелистер. Локацијата е долж патеката за скијање, односно паралелно од двете страни на жичарницата под Копанки.

Од Националниот парк велат дека по барање на ЕВН тие издале согласност, бидејќи тоа им го налага законот за подрачја каде минуваат трасите на далекуводите.

За ова денеска побаравме одговор од ЕВН. Во информацијата стои:

„ Со цел реализација на обврската за техничко одржување на електроенергетски водови, ЕВН Електродистрибуција во соработка и со претходно обезбедена дозвола од Националниот парк – Пелистер на 21.04.2018г. отпочна со чистење на вегетација по трасата на ДВ ТРНОВО 10kV/20kV која поминува низ КО (потег Сапунчица-Копанки). Сечењето на вегетација се спроведува во пропишан обем согласно Правилникот за технички нормативи за изградба на воздушни водови со номинален напон од 1kV до 400kV со цел обезбедување на потребна сигурносна оддалеченост на проводникот од стеблото во дистанца од 3m.

Согласно Законот за енергетика, ЕВН Електродистрибуција има обврска да ги преземе сите дејствија за отстранување на било какви причини поради кои би се нарушил процесот на дистрибуција на електрична енергија и/или би се загрозила безбедноста на луѓето и имотот. Освен заради техничко одржување на електроенергетските водови и поради безбедносни причини, исполнувањето на оваа обврска истовремено е во функција на заштита на шумите согласно Правилникот за заштита на шумите од пожари“ стои во информацијата на ЕВН.