Европа, Мексико и Канада против воведените царини од САД

0
294

Ескалираа трансатлантските и северноамериканските трговски односи. САД наметнаа царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Европската Унија, Канада и Мексико.

САД воедно преговараат за квоти или ограничувања и со други земји, како Јужна Кореја, Аргентина, Австралија и Бразил, наместо да воведат царини, најави секретарот за трговија Вилбур Рос.

Министерството за надворешни работи на Кина по одлуката на САД, соопшти дека сите земји треба да си го заштитат нормалниот трговски поредок.

Европската комесарка за трговија Сесилија Малмстром, коментирајќи ја одлуката на САД за воведување дополнителни царински тарифи за Мексико, Канада и земјите членки на ЕУ на увезен челик и алуминиум посочи дека ЕУ се уште не е во трговска војна.

“Не сме во трговска војна, но се наоѓаме во тешка ситуација. Јас не го користам терминот трговска војна, но состојбата е навистина загрижувачка. САД играат опасна игра”, изјави Малмстром на прес-конференцијата за медиуми во Брисел.

Претседателот Трамп во четвртокот изјави дека деновите кога САД беа „искористувани“ во врска со трговските договори „се завршени“, во грубо формулирана изјава со која одговори на критиките од канадскиот премиер Џастин Трудо за новите царини за челик и алуминиум.

Трамп во неколку наврати кажа дека таквите мерки се неопходни за заштита на американските работни места и индустриите во клучните производни сектори.

Германскиот министер за економија, Петер Алтмаер, порача дека ЕУ би можела да го координира својот одговор заедно со Мексико и Канада, отворајќи дополнителна можност за трговска војна.