Европа окована од сибирска зима, најмалку 40 мртви

0
383

Бран сибирски студ последниве неколку дена ја зафати цела Европа, а досега се забележани 40 смртни случаи предизвикани од поларните температури, јавува Франс прес додавајќи дека повеќето од загинатите се бездомници.

Ниските температури и снегот се и голем проблем во превозот, вели агенцијата.

Во бранот екстремно студенило, кој британските медиуми го нарекоа „Ѕверот од исток“, холандските „Сибирска мечка“, Швеѓаните „Снежен топ“, а француските – „Москва-Париз“, од петокот во Полска загинаа 18 лица, шестмина во Чешка, петмина во Литванија, четири во Франција и Словачка, две лица во Италија и исто толку во Романија. Седум лица загинаа во Естонија од почетокот на месецов.

Во текот на ноќта од вторникот кон средата температурите во Либек во северна Германија паднаа на минус 20, во јужна Полска на минус 19, во белгиски Лиеж на минус 18, а во околината на Лондон на минус 10.

Во Швајцарија во Глаталп, на 1.850 метри надморска височина, забележани се минус 36 Целзиусови степени.

Во Велика Британија, Холандија, на Балканот и во Скандинавија снегот и заледувањето предизвикаа големи сообраќајни тешкотии.

Поради студот остануваат затворени многу училишта во БиХ, Хрватска, Косово, Велика Британија, Ирска, северна Португалија, па дури и во Албанија.

Во Словенија, во близина на Марибор, човек починал од студ во својот двор, а лекарите се борат за животот на уште едно лице. Поларниот студ одзеде живот и во соседна Србија. Како што пренесе Блиц, 75-годишник бил пронајден мртов на улица, а починал од замрзнување.

mkd.mk