Европратеник од СИРИЗА: Решавањето на името ќе му стави крај на албанскиот национализам и ќе го заштити територијалниот интегритет на Македонија

0
487

Позитивното решавање на спорот за името ќе му стави крај на повторното оживување на албанскиот национализам, ќе го заштити територијалниот интегритет на Македонија и ќе ја претвори Грција во столб на мирот и стабилноста, вели потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на партиската делегација на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, во статија во француската медиумска мрежа Медиапарт.

„Владата на Ципрас и новата влада на Заев преземаат одлучувачки чекори за решавање на спорот околу името на ФИРОМ по 25 години погрешно манипулирање и опструкција од страна на претходните влади на двете земји“, истакнува Пападимулис во статијата за преговорите меѓу Грција и Македонија за името. Потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на делегацијата на СИРИЗА додава дека „е создаден историски прозорец на можности и позитивни услови за конечно решавање на ова прашање“.

Пападимулис нагласува дека „ЕУ преку надлежните комесари Могерини и Хан, САД и меѓународната заедница го поддржува процесот на преговори“, истакнувајќи дека еден сериозен компромис би можел да „расплете“ низа прашања.

Првото прашање, вели Пападимулис, се однесува на „зајакнување на стабилноста на Балканот, особено на Западен Балкан, каде што со децении агресивниот национализам на популистичките влади ги блокираше каналите на комуникација. Најистакнат пример е тој со владата на Груевски.

Понатаму, позитивното решение за спорот за името ќе му стави крај на повторното оживување на албанскиот национализам, ќе го заштити територијалниот интегритет на ФИРОМ и ќе ја претвори Грција во столб на мирот и стабилноста што може ефикасно да се справува со сите главни прашања. Во овој контекст, заедно со преговорите меѓу Грција и ФИРОМ, грчката влада врши притисок за мерки за градење доверба и со Албанија, зајакнувајќи ја европската перспектива на земјата“, вели Пападимулис.

Второто прашање се однесува на „улогата на бугарското претседателство на Европскиот совет во зајакнувањето на европската перспектива на Западен Балкан“, додека „третото и последно прашање се однесува на економските односи и придобивките што можат да ги искористат сите страни. И ФИРОМ и Албанија сакаат да ги интензивираат и да ги продлабочат комерцијалните и инвестициските врски со Грција и со ЕУ, да создадат средина поволна за бизнис, која би можела да помогне во справувањето со невработеноста и сиромаштијата и да ги зголеми стапките на раст. Во оваа рамка, двете земји го признаваат потенцијалот за успешна соработка во областа на енергетиката и можностите Балканот да стане енергетски центар поврзан со Централна и Западна Европа, при што Грција е ставена во јадрото на оваа политика.“

Eвропратеникот на СИРИЗА вели дека „националниот интерес бара да ги затвориме нерешените прашања и фронтови, а со помош на нашите европски партнери да исцртаме нова иднина за регионот, далеку од духови, ирационалности и блокирања“.

мкд.мк