Европската Унија ѝ го укинува на Полска правото на глас

0
426

Европската комисија одлучи да покрене постапка за укинување на правото на глас на Полска во телата на ЕУ, со активирање на членот 7 од Лисабонскиот договор, пишува Ројтерс.

Со активирањето на овој член, Европската комисија ја почна постапката на укинување на гласачките права на Полска во колективните одлуки на ЕУ.

Таквата одлука претходно ја најави агенцијата Ројтерс, истакнувајќи дека тоа е потег „без преседан“, со кој официјална Варшава е казнета поради прекршување на правилата на Европската Унија во врска со човековите права и демократските вредности.

До ова дојде поради фактот дека Варшава не сакаше да се откаже од реформата на судството и, како што велат во Брисел, „сериозно ги поткопала“ европските вредности со новите закони, кои темелно го преобликуваат судскиот систем на оваа земја.

Долниот дом на полскиот парламент усвои два нови закони со кои конзервативната владејачка партија Право и правда доби контрола врз полскиот Врховен суд и врз Државниот судски совет, тело што ги назначува судиите. Критичарите сметаат дека овие два закони, со другите претходно усвоени, ја загрозуваат независноста на судството и го ставаат под политичка контрола на владејачката партија.

Законите допрва треба да ги усвои Сенатот, горниот дом на парламентот, што може да се случи в петок, по што нив ќе треба да ги потпише и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

mkd.mk