Едвард Џозеф: Примерот со Преспанскиот договор да се искористи за Србија и Косово

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Пополнувањето на празнината околу политиката поврзана со Косово, кој е најстариот судир во регионот на Балканот, е прашање што под итно мора да се реши, оценува вонредниот професор на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, Едвард Џозеф во авторски текст во магазинот „Форин Полиси“.

– Со нестабилната Босна и Херцеговина, со Русија која настојува да поттикне поделби и со Европа која е колеблива, тешкиот товар на Балканот повторно паѓа на САД. За да се опорави од неодамнешните западни неуспеси, Вашингтон мора да ја искористи сржта на она што довде до успех околу Македонија и да го примени на Косово, смета Џозеф, кој беше активен на Балканот во приодот на конфликтите во регионот во 90-те години на минатиот век и првите години на новиот милениум.

Тој нагласува дека Преспанскиот договор меѓу Атина и Скопје, кој „ги отстрани сите пречки за иднината, исполнети со почитување и соработка меѓу двајцата поранешни противници“, треба да послужи како пример за надминување на проблемите меѓу Белград и Приштина.

Според Џозеф, планот за решавање на косовското прашање што го застапуваа претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, кој суштински значи размена на територии, им дал поттик на „центрифугалните сили кои се закануваат со растурање на Босна“ и повторно го отворил прашањето за границите во регионот. Токму поради тоа, германската канцеларка Ангела Меркел, како што вели, го торпедирала планот за поделба на регионалниот самит во Берлин кон крајот на минатиот месец.

Share.