Еден маж и две жени се тројцата загинати патници во автобусот од Струга

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Еден маж и две жени се тројцата загинати патници во автобусот со македонски регистарски таблички кој рано утринава се преврте на авопат кај Лесковац, Србија, јавува агенцијата Бета повикувајќи се на извори во лесковачката болница.

Српските медиуми јавуваат и дека возачот и совозачот не се повредени, но дека не може да даваат изјави за јавноста.

Како што пренесува српската агенција „Бета“ во автобусот имало патници од Битола и други места во Македонија, а еден од повредените за агенцијата изјавил дека не се сеќава на несреќата, бидејќи речиси сите патници спиеле.

Од Македонското министерство за надворешни работи како што пренесуваат медиумите потврдиле дека станува збор за автобуски превозник од Струга. Од таму инфрормираат и дека Министерот за здравство Венко Филипче, Генералниот секретар на Влада Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Република Македонија во Белград се упатени кон местото на несреќата.

Тројца од патниците со тешки повреди се на интензивна нега во одделот Хирургија болницата во Лесковац додека еден е на Ортопедија. 23 патници  се здобиле со полесни повреди.

Според српските медиуми автобусот патувал кон Виена. Несреќата се случила во 1:40 часот на влезот во Лесковац.

„ Автобусот беше превртен, а три лица беа без знаци на живот. Медицинските екипи од Лесковац кои први стигнаа на местото на несреќата даваа помош на повредените, но имаше и патници кои беа заглавени во автобусот и тие беа извлечени со помош на противпожарните спасувачки екипи на МВР. Еден од патниците кој беше прв згрижен имаше симптоми на фрактура на черепот. Најтешко повредените беа пренесени во болницата во Ниш“  рече доктор кој учествувал во спасувањето на патниците.

Share.