Еден ранет во немирите во Косово

Едно машко лице е тешко рането во Звечан на северот на Косово и е во животно загрозувачка состојба, а во тек е неговата операција во болницата во Косовска Митровица, потврдил за Н1 ТВ директорот на болницата.

Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјавил дека ранетиот е 36-годишен маж, како и дека се повредени десетици Срби во немирите во Косово.

Тензиите во северниот дел на Косово започнаа откако утрово косовската полиција спроведува, како што тврди, акција против шверцери на стоки. Припадниците на косовската полиција, според информациите, упаднале во една од градските аптеки каде што ги проверувале царинските документи.

Косовската полиција употреби шок-бомби и солзавец за да ги растера граѓаните кои протестираа против нејзината најнова акција. РТС објави дека припадниците на косовската полиција за економски криминал затвориле повеќе продавници.

Сподели