ТЕРА

REKLAMA???

ЕКСКЛУЗИВНО СО МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ПРЕД ГОСТУВАЊЕТО ВО БИТОЛА

Покрај претставата во Скопје, претставата “Марлен Дитрих- 5 точки од обвинението“, на Сараевскиот народен театар, на лично барање на една од најголемите југословенски актерки, Мирјана Карановиќ, премиерно ќе гостува и во Битола, на 3-ти март во Центарот за култура. Гостувањата во Македонија се во организација на Авалон продукција.

Претставата во режија на Харис Пашовиќ, еден од највлијателните драматурзи и режисери во Југоисточна Европа, „Marlene Dietrich – Pet tačaka optužnice“ (Марлен Дитрих 5 точки од обвинението), ја имаше својата меѓународна премиера на италијанскиот фестивал ,,Mittelfest”.

Покрај тоа што беше актерка, Марлен Дитрих беше социјално и политички ангажирана, давајќи му само добро на општеството. За Мирјана Карановиќ, портретирањето на ликот на таква жена било изненадување, но на актерката и се допаѓале ваквите предизвици.

„ Јас Марлен Дитрих секогаш ја доживував како некој свој современик, како жена во која ги препознав вредностите кои ги усвоив и практиткував уште во младоста. Со текот на годините сфатив дека таа историски живееше во едно друго време и дека по тие нејзини ставови и начин на размислување беше пред своето време, дека беше поинаква“, ни изјави Карановиќ.

Гостувањето во Македонија за неа значи многу.

„Секогаш се радувам кога играм пред некоја друга публика, од некој друг град или држава. Тоа и за претставата е некој вид на тест, предизвик, но и радост.Тоа не поттикнува да ја играме претставата со некоја посебна енергија. Веќе бевме на едно гостување и еве сега доаѓаме во Македонија“.

Што се ја очекува публиката и во Битола и во Скопје:

„ Она што јас можам да го ветам, мислам дека можам да зборувам и во име на моите колеги, е дека ќе одиграме најдобра претстава, се радуваме многу што ќе гостуваме во Скопје и Битола. Во Скопје бев неколку пати, а ова ќе биде нова прилика јас и македонската публика повторно да се сретнеме и сите со нетрпение тоа го очекуваме“.

Мирјана Карановиќ, која е и филмска режисерка и сценаристка, се смета за една од најдобрите српски и југословенски актерки на сите времиња. Меѓу другото, доби номинација за Европска филмска награда за најдобра женска улога за филмот „Грбавица“.