ЕК ќе ја претстави стратегијата за проширување

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Европската комисија денеска официјално ќе ја обелодени својата стратегија за проширување на Европската Унија на Западен Балкан, за која со денови се шпекулира. Според некои медиуми, во стратегијата се наведувало дека сите земји во регионот имаат можност да напредуваат на европскиот пат. Дали ќе има датуми за преговори, ќе се дознае денеска.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, вчера истакна дека очекува јасен сигнал дека Македонија има перспектива по затворање на отворените прашања во смисла на односите со соседите. Вицепремиерот Османи изрази очекување дека покрај Црна Гора и Србија, за кои е најавено а и се очекува да бидат наведени во Стратегијата како земји кои во моментов го предводат евроинтегративниот процес во регионот, во Стратегија соодветно да бидат наведени и европските перспективи за Македонија и Албанија, кои би биле охрабрени, согласно со успешното адресирање на обврските, набргу да ги почнат преговорите за членство и со тоа да се приклучат на истиот колосек за влез во Унијата до 2025 година.

Како што пренесува српската агенција „Б92“, меѓу најгласните шпекулации е таа дека ЕУ е подготвена да прими шест држави од Западен Балкан, па и Косово, како и дека Шпанија сака да ја стопира евроинтеграцијата на Косово. Според други толкувања што ги пренесе „Танјуг“, не се споменува 2019 година како краен рок за воспоставување сеопфатно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.

Стратегијата ќе биде претставена во Стразбур од високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, и комесарот за проширување, Јоханес Хан, по што ќе следи расправа во Европскиот парламент. Стратегијата ќе им биде упатена на земјите членки кои за неа ќе расправаат на самитот во идниот месец.

makfax.com.mk

Share.