ЕМА и натаму дава зелено светло за АстраЗенека

Европската агенција за лекови и натаму дава зелено светло за вакцината на АстраЗенека. Попладнево во Амстердам е соопштено дека нема да има ограничување на употребата на вакцината и покрај ретките случаи на тромбози.

„Ползата од вакцината во борбата против Ковид-19 е значително поголема од ризиците“, повтори и денеска шефицата на Европската агенција за лекови (ЕМА), Емер Кук.

Експертите утврдиле поврзаност помеѓу вакцината и згрутчување на крвта, но тоа се случува многу ретко. Во временски период од две недели по примањето на вакцината АстраЗенека можни се „многу ретки случаи на згрутчување на крвта во комбинација со ниски вредности на тромбоцити“, се вели од ЕМА. Таа истражувала случаи на згрутчување на крвта во мозочните вени, во долниот дел од стомакот, како и во артериите. Повеќето познати случаи на тромбози се појавиле кај жени на возраст под 60 години. Европската агенција за лекови, меѓутоа, не наведува специфични фактори на ризик. Згрутчувањето на крвта би требало да се наведе во упатството за вакцината како ретка нуспојава.

dw.com/mk

Сподели