ТЕРА

REKLAMA???

„ЕМОТИВЕН ТАЛОГ“ НОВА КНИГА НА АНА ЈОВКОВСКА

„Емотивен талог” е насловот на новата книга на новинарката и авторка Ана Јовковска која промовирана во клуб ресторанот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Книгата е во издание на „Три”, а според авторот на поговорот Гоце Смилевски, таа произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење и откривањето на сопствените стратегии за борба против сѐ што нѐ одвојува од нашата суштина.

„ Станува збор за дело кое се доживува како повик и како поттик на сите оние кои ќе го исчитаат, да се впуштат во авантура на себеиспитување и себенадоградување преку аналитички поглед во сопствениот емотивен талог“, додава тој.

„Извонредно слоевита и напишана со огромна вештина, книгата „Емотивен талог” има силна интроспективна визура. Интелектуалната љубопитност на Ана Јовковска е безгранична и повикува на креативен и продуктивен дијалог со читателите. Ракописот е густ како талог од кафе, натопен во разигран јазик на метафори, симболи и асоцијации, а сепак е едноставен, непретенциозен и лесно читлив“, истакнува  писателот Владимир Мартиновски.

Ана Јовковска е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини. За книгата вели:

„Да се пишува за најдлабокото и најгусто човечко е како да се расече сопственото срце и да се дише преку клетките на другите. Мислам дека собирајќи го емотивниот талог од сопствените интимни пунктови, всушност, брцнав кај сите по малку, а најмногу во безвременските хуманистички радости и болки и цивилизациски предизвици. Ќе спијам спокојно ако не залудно сум потрошила две години од животот, ако овој мој мислечки бран барем малку ве заплисне и ги размрда вашите емоционални, интелектуални и морални капацитети“.

Една од промоторките проф. д-р Ана Мартиноска која за делото зборуваше заедно со проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер (директорката на Друштвото на писателите) истакна:

„Приказните од кујната на Јовковска се крчкани натенане, сериозно промислени и продлабени низ слоевите на колективните матрици, но едновремено длабоко прочувствувани и процедени низ решетките на сопственото искуствено доживување. Во нив таа навидум се бави со себе и женските револуции кои ги води (на свои 40 години), но нејзиното интимно соголување, всушност, крие гандиевска филозофија зад себе, длабоко верувајќи дека со личниот пример може да го трасира патот кон поправеден, послободен и попродуховен свет“.

По четирите објавени книжевни дела, сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог”. Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата… но среде сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата“, соопшти издавачката куќа.