Еурофарм Пелистер вторпат надигран од Магдебург за крај на евро-сезоната

Во реванш натпреварот од осминафиналето од Лига Европа, битолски Еурофарм Пелистер забележа нов пораз, откако во Германија загуби со 35-24 (14-9) од екипата на Магдебург. Со двата порази екипата од Битола е елиминирана од Европа, во сезона во која стигна во нокаут фазата и победи на пет од дванаесет натпревари.

Во редовите на бундеслигашката екипа скоро сите се запишаа во листата на стрелците, најефикасен беше Клуге со седум голови, пет имаше Штајнерт. Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа Мандалиниќ со седум гола и Маџовски со пет. Пелистерци на овој натпревар на Магдебург му се спротиставија без тренерот Жељко Бабиќ кој поради коронавирус е во карантин во Битола.

За битолчани не преостанува ништо друго, туку што побргу да ја заборават елиминацијата од Лига Европа и да се насочат кон мечевите од СЕХА лигата, Купот на Македонија и следните предизвици во македонскиот шампионат.

Сподели