ТЕРА

REKLAMA???

„ЕФТЕРКЛАНГ:МАКЕДОНИУМ БЕНД“ НАЈГЛЕДАН НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КОПЕНХАГЕН

Светската премиера на филмот “Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, се одржа на фестивалот за документарен филм “CPH:DOX”, во Копенхаген – Данска, кој важи за еден од најголемите фестивали во светот. Филмот е во продукција на Младинскиот културен центар- Скопје, и Rosforth и Rumraket.

Музичкиот документарец кој се снимаше минатата година, е патување на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум”.

Премиерата на филмот  беше проследена со концерт на ансамблот “Ефтеркланг: Македониум бенд”, во кој членуваат 22 македонски музичари, на кој беа изведени најпознтите песни од групата, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.

Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот супер состав наречен “Ефтеркланг : Македониум бенд”, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски- Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Режисерот на филмот Андреас Јонсен, е наградуван дански документарист, чиј филм “Ai Weiwei: The Fake case” го отворил изданието на истиот фестивал “CPH:DOX” во 2013 година. Покрај бендот Ефтеркланг, во оваа музичка формација се вклучени и Женскиот младински хор при МКЦ, со 16 хористки, музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски. Повеќе од 1.000 гледачи ги проследија двете распродадени проекции, а домашната премиера ќе ја има на отворањето на 23. издание на фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје на 11 јули, кога ќе настапи и целокупниот ансамбл.