Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес ги посети првите новороденчиња родени во 2025 година во Битола. Во Клиничката болница првороденото бебе е женско.
„Имавме три раѓања. Првото беше 50 минути по полноќ, спонатно породена, прворотка, мајка на 25 години, донесе на свет здрава ќерка која што ќе се вика Миа. Тешка 3 кг и 120 грама и долга 50 см. Тоа ни беше првото женско новороденче, што значи дека годината ќе биде бериќетна и ќе има уште многу раѓања. Второто раѓање беше со царски рез, како и третото. Пациентките и новороденчињата се добри, мајките се среќни, а исто и ние што работевме на новогодишната ноќ“, изјави д-р Бети Чипуровска од одделението за гинекологија и акушерство, апелирајќи до младите да формираат семејства, да ни останат тука и нивните семејства да се множат, бидејќи детскиот џагор е најдоброто нешто што може да се случи на секое семејство.
Градоначалникот Коњановски, честитајќи им на родителите, традиционално им подари подароци на новороденчињата.
„Искрени честитки до родителите. Да имаме што повеќе дечиња и младите да ни останат тука, во Битола. Нека ни е Среќна Новата година“, порача градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.






фото: Општина Битола











