Партијата на обединети демократи на Македонија-ПОДЕМ во салата на Народниот театар во Битола го одржува четвртиот конгрес, на кој беа избрани новите раководни тела. На Конгресот беа избрани 53 членови на Централниот Одбор и 7 членови на Надзорниот Одбор. Истовремено едногласно за Претседател на ПОДЕМ беше (ре) избран проф. д-р Живко Јанкуловски.

Пред почетокот на работниот дел на конгресот на присутните им се обрати градоначаникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.

“ПОДЕМ предводена од проф. д-р Живко Јанкуловски ќе биде дел од нашата победничка коалиција која ќе ја смени перцепцијата за политиката во Македонија. Време е за брзи промени кои ќе ни дадат надеж дека нашето знаење, труд и инвентивност можат да бидат употребени за создавање на поубаво утре, иднина за младите генерации и за сите оние кои сакаат да ја напуштат државата како резултат на политиките кои создадоа бесперспективност. Позитивните промени се неизбежни, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде предводник на коалицијата која ќе докаже дека Македонија може да функционира како и секоја друга развиена, прогресивна и просперитетна држава“, рече Муцунски.

Меѓу гостите беше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола, Пеце Милевски, како и претставници на други политички партии. Поздравен говор одржа претседателот на партијата Живко Јанкуловски, кој истакна дека трите теми на кои во наредниот период партијата ќе биде фокусирана се справувањето со енергетската криза и кризата предизвикана од војната во Украина, како и како што рече потребата од предвремени парламентарни избори во Македонија.

„Идејата за постоење на ПОДЕМ подразбира најпрво стабилна партиска инфраструктура во 53 општини во Македонија, со над 18.000 членови, со формирани и активни Организации на жени и млади со над 12.000 членови, со одржани конференции на млади и жени со 500, односно 300 делегати, значајни изборни резултати од еден до друг изборен циклус, со раст на довербата на граѓаните, што видливо се отчитува преку приклучувањето нови членови кои ја препознаа визијата и мисијата за подем на Македонија. Досега се одржани 3 конгреси и две конференции.На овој пат продолжуваме и понатаму, зашто цврсто веруваме и чувствуваме дека стратешката визија на ПОДЕМ за економски и политички стабилна, интегрирана и почитувана Македонија е реална и остварлива. И токму во насока на остварување на целите кои ја сочинуваат стратешката визија е и реализацијата на проектите од Програмата на ПОДЕМ, кои вклучуваат имплементација на европските стандарди во областа на земјоделството, економијата, социјалната политика, здравството, образованието, локалната самоуправа, меѓународните односи, културата, спортот и сите други области на општествено-политичко живеење и работење”, рече Јанкуловски.

ПОДЕМ е дел од Советот во Општина Битола, како дел од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ.

Со овај конгрес воедно беа одбележани и 14 години од постоењето на партијата и она што партијата го има постигнато во изминатите години. Денес ПОДЕМ има оформени 53 општински организации низ државата.












