Животната средина во Пелагонија низ бројки

0
1144

Каква вода пиеме, каков е воздухот што го дишеме, каква храна јадеме, со кои заразни заболувања се соочува населението во Македонија, колку индустриски капацитети ги задоволиле еколошките стандарди, се дел од анализата што е направена и за општините од Пелагонискиот регион.

Најмал процент на неисправни примероци при физичко-хемиска анализа на водата за пиење во 2016 година во Пелагонискиот регион имало во Прилеп 0,1, Битола е зад Прилеп со 0,8. Најмногу неисправни примероци имало во Крушево дури 41,7, а зад него се со 5,9 Демир Хисар и на трето место Ресен со 3,7. Може да се заклучи дека во големите градски средини жителите имаат поквалитетна вода за пиење, отколку во помалите места.

Кога станува збор за неисправни примероци при бактериолошка анализа во Битола, Демир Хисар и Ресен во 2016 година немало, 0,3 проценти имало во Прилеп, а најмногу во Крушево 2,8, исто како и во делот на неисправни примероци при физичко-хемиска анализа.

Најголеми концентрации на тешки метали во воздухот во 2015 година имало во Битола. Годишниот просек вели 83,78, а во Прилеп речиси половина од битолската вредност 41,2, Крушево за кое се смета и како своевидна возушна бања имало 32,27. Вакви податоци за помалите градови во Пелагонискиот регион надлежните институции немаат, а тоа значи дека нема информација за квалитетот на воздухот во Ресен, Демир Хисар, Кривогаштани, Долнени, Могила и Новаци.


Колку микробилошки загадени оброци имало во образовни институции во 2015? Според Институтот за јавно здравје ниту еден во ниту една општина, а податоци даваат за само две од вкупно деветте во Пелагонија.


Кога станува збор за микробилошки неисправни прехрамбени производи во 2015 податок има само за Битола 5/0,65.

По бројот на заразни заболувања во 2016 година Битола е на врвот со 2199 случаи, зад неа е Прилеп со 1341. Од помалите градски средини најмногу заразни заболувања има во Ресен 250, во Демир Хисар 115 и Крушево со 94 случаи.


Годишната стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај деца од училишна возраст во 2015 највисока е во Ресен, па во Битола, идентична е ситуација во Крушево и Прилеп, кога станува збор за урбаните средини, а кога станува збор за селските средини  најголема е во демирхисарските села и битолските.


Кога зборуваме за истата тема, но кај деца од предучилишна возраст, исто така на врвот е Ресен па Битола, кога станува збор за градските средини, а кај селские предничат демирхисарските и битолските села.

Ниту една од деветте општини нема објект кој има А интегрирана дозвола, а во процес на добивање е РЕК Битола кој пак се наоѓа на територијата на општина Новаци.
Најмногу Б интегрирани еколошки дозволи има Прилеп дури 32, зад него е Битола со пет, по една имаат Ресен, Долнени и Новаци, а другите општини немаат.

Овој вид податоци овозможува и правење на споредбени анализи не само за овие девет општини од Пелагонија, туку и за останатите од Македонија. Анализата за Пелагонискиот регион ја праше МКЦ Битола во рамите на проектот за „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија со финансиска поддршка од Европската Унија.