Животните предизвикувачи на повеќе од 61 отсто од болестите кај луѓето

0
261

Вкупно 61 отсто од заразните болести во светот се предизвикани од животните. За превенирање, нивно сузбивање и искоренување неопходна е соработка меѓу ветеринарните и здравствените служби на локално, регионално и глобално ниво, порачаа учесниците на конференцијата „Едно здравје“ што се одржува во Скопје, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според нив, се почесто нови болести се појавуваат на нашето поднебје иако досега тука воопшто не постоеле, ниту биле специфични.

– Нови видови инсекти, преносители на болести, пронаоѓаат патишта и адекватен амбиент за опстанок во Европа каде досега не биле присутни. Таков пример е јазлеста кожа со која првпат се соочивме во 2016 година – изјави директорката на Администрацијата за безбедност на храна од Црна Гора, Весна Даковиќ.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов вели дека здравјето на луѓето зависи од здравјето на животните, растенијата и животната средина, а за да се подобри, неопходно е континуирано јакнење на националниот систем за безбедност на храна, ветеринарното и хуманото здравство и додава дека исклучително е важно и постојаното надгледување, како и подготвеноста за навремено реагирање во координација со сите служби.

Оценка на заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски е дека освен здравствен, влијанието на болестите кај животните кое често се одразува и врз луѓето, има и економски, како и социјален карактер.

Конференцијата завршува утре, а учествуваат претставници од надлежните институции од сите земји во регионот.